На денешната собраниска седница, ќе се избираат заменици министри, согласно доставените предлози, синоќа, откако беше изгласан новиот состав на Владата.

Премиерот Никола Груевски за заменик министер за одбрана го предлага Емил Димитриев, кој и досега ја извршуваше оваа функција, за заменик министер за внатреши работи Џељаљ Бајрами, за заменик министер во Министерството за правда Биљана Бришкоска-Бошковски.

Зоран Петров повторно е предложен да ја извршува функцијата заменик министер за надворешни работи. За заменик на министерот за финансии премиерот го предлага Недим Ремизи, а Катерина Костеска за заменичката функција во економија.

За заменик на министерот во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се предлага Зоран Коњановски, додека заменичката функција во здравство му е доверена на Јовица Андоновски. Заменик министер во Министерството за образование ќе биде Сафет Незири, а Ибрахим Ибрахими во Министерството за труд и социјална политика.

На оваа функција во Министерството за локална самоуправа е предложен Сашо Лазаровски, Драган Недељковиќ останува во култура, како и Марта Арсовска Томовска во Министерството за информатичко општество и администрација. За заменик на министерот во Министерството за транспорт и врски премиерот го предлага Тахир Хани, а во Министерството за животна средина и просторно планирање Стево Темелковски.

OhridNews