Претседателот во оставка на Комисијата за расветлување на настаните од 24-ти декември Борче Давитковски и странскиот експерт Петер Ванхаусен,денес, ќе имаат одделни средби со претставници на владејачката ВМРО-ДПМНЕ и на опозицискиот СДСМ, со цел до петок да се дојде до решение за настаните од 24 декември.Како што изјави Борче Давитковски, тој е оптимист и оти ја прифатил поканата да присуствува на состанокот во интерес на земјата.
Вчера во Домот на пратеници повеќе од три часа траеше средбата на ад хок Комисијата за расчистување на настаните од 24-ти декември пред и во Собранието, во рамки на обидите да се постигне согласност за Извештајот што треба да го изготви Комисијата.
На седницата во Клубот на пратеници во центарот на Скопје, покрај премиерот и лидер на владејачката ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, и лидерот на најголемата опозициска партија СДСМ, Зоран Заев и членовите на Комисијата предложени од двете партии, Благородна Дулиќ, Илија Димовски (ВМРО-ДПМНЕ) Рената Десковска и Љубомир Фрчкоски (СДСМ), присуствуваа и шефот на кабинетот на премиерот Груевски, Мартин Протуѓер и потпретседателката на СДСМ Радмила Шекеринска. Во Клубот на пратениците, исто така, присутни беа и претставници на ОБСЕ и на канцеларијата на Европската унија во Скопје.
Груевски и Заев на средбата во понеделникот се договорија крајниот рок за постигнување согласност да биде пролонгиран до петок, по што доколку не биде постигната согласност ќе се смета дека не може да се постигне конечно решение.
Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ се договорија во периодот што следува да се вложат последни напори за откочување на процесот, негово интензивирање и донесување конечно решение околу извештајот на Комисијата, како последен обид за постигнување договор, чие евентуално недонесување ги загрозува европските перспективи на Република Македонија.
OhridNews
Makfaks