Денес официјално ќе биде пуштен во употреба магистралниот пат Охрид-Св.Наум во должина од 24,3 километри. На отворањето најавено е обраќање на премиерот Христијан Мицкоски.

Иако важноста на делницата Охрид-Св.Наум е исклучителна бидејќи е магистрален пат кој има регионално значење и претставува патна врска со Република Албанија цели четири децении чекаше за рехабилитација која започна во август 2023 година, посочија претходно од ЈПДП, додавајќи дека изградбата завршува во предвидениот рок.

Со реконструкцијата, потенцираа од ЈПДП, заради зголемување на безбедноста во сообраќајот како и прегледност на патот се изврши и растеретување на косини од нестабилен карпест материјал и се монтираше заштитна челична мрежа на косините.

Со рехабилитација на оваа главна туристичка сообраќајна делница, ја подигнуваме безбедноста во сообраќајот и обезбедуваме квалитетна патна врска од Охрид до манастирскиот комплекс Св. Наум. Исто така, ја подобруваме патната мрежа, го подигнуваме квалитетот на туристичкиот потенцијал и го потикнувме економскиот развој во охридскиот регион, истакнаа од ЈПДП.

Инаку, инвестиционата вредност за рехабилитација на овој патен правец изнесуваше 11,7 милиони евра, средства обезбедени од буџет на ЈППД.

Н.С.Ј.