
Тоа е така и со воениот злосторник Ратко Младиќ, кој денеска ја доби првостепената пресуда пред Трибуналот во Хаг, обвинет за воени злосторства, рушење на правилата и етиката на војувањето, за што – уште не!? Го чека доживотна робија.
Неговата несреќа е што во погрешно време се најде на погрешно место. Најнапред во Сараево, а потоа во Книн, каде го замени македонецот Трајчевски, на позицијата началник на Штаб на Книнскиот воен корпус на ЈНА. На Трајчески му се раздени, за на Младиќ да му се стемни!?
Особено со сите елементи на античка драма е обвиткано во велот на тајната (официјално) самоубиството на неговата ќерка Ана, на Белградските гробишта, со пиштолот на татко и Ратко, трофејен – награда за најдобар кадет во неговата класа на Воената академија во Белград. Пиштолот кој Ратко го чувал за да истрела рафална – “почесна палба!”, на денот кога ќе му дојдат внуците од Ана и синот Дарко, некогашни ученици во ОУ “Григор Прличев” во Охрид.
Од толку оружје во куќата, го зела пиштолот. Каква порака сакала да испрати од Белградските гробишта? Ратко не веруваше дека се самоубила, ја носам во сеќавање сликата – како стои на гробот на Ана, местото (според личната желба) за негово вечно почивалиште.
Судбината сакала Ратко Младиќ, поголемиот дел од животот и воената кариера да ги мине во Македонија. Да се ожени за натурализирана Македонка, на некој начин негова роднокрајка, посвоена и одгледана во Скопје.
Младиќ кариерата и ја започна во Скопје, најнапред како командир на вод-потпоручник, за помладите – најнизок официрски чин на дипломци на Воената академија. Патот го водеше и на други места (велат во Скопска Црна Гора, свил-изградил и семејно гнездо), додека сопругата и синот имаат и македонско државјанство.
Ратко Младиќ кон средината на 80-тите години од минатиот век беше командант на гарнизонот во Охрид. Охриѓани, особено неговите соседи, не го паметат како воен злосторник туку, напротив, како мирен сосед, кој никогаш не стапувал во кавги со луѓето, но и како чест посетител на охридскиот шаховски клуб.
Јас лично, од годините кога беше во Охрид, го паметам како строг, но правичен старешина. Со него се знам некаде од 1974 или 1975 година, по отслужувањето на воениот рок. Како резервен офицер, по завршувањето на Школата за резервни старешини на Третата воена област во Битола (со – питомец ми беше, мегу другите, и поранешниот министер за одбрана, нашинецот од Дебрца-Издеглавје, сега починатиот, Лазар Китаноски), бев распореден во единицата во Охрид.
Ратко, во тоа време беше командант на полкот. Тогаш бев со чин на резервен офицер – потпоручник (подоцна се до мајор во резерва!) и бев распореден како негов помошник за политичка работа во полкот. Бевме заедно, другарувавме во Охрид и на многу воени вежби во охридско и Кичевијата, често доаѓаше во Радио Охрид, каде што јас бев директор во тоа време. Тој по функција беше член на Претседателството на Социјалистичкиот сојуз, а јас, како директор на Радио Охрид, исто така, бев во Претседателството.
Социјалистичкиот сојуз, или ФРОНТОТ,како што го нарекуваа, бидејќи во него се слеваа сите политички и други субјекти (јас во тоа време велев: “Ткаење исто чергиче на повеќе разбои!?”), во тоа време беше организатор на познатата акција: “Ништо нас не смее да не изненади (“освен кише!”)-велеше Ратко, а кога ќе тргневме на воена вежба, обврзен му беше овој сленг: “Кад војска крене,прате је “три К” (киша,курве и керови!!).
Како “благонадежен” директор на радиото, при една: “Ништо нас не сме изненадити!”, ја дислоцирав техниката над Охрид – кон Петринска планина. Разбира се, со шаторите кои ми ги даде Ратко. Што функционери не дојдоа од Белград и Скопје: Од Владо Камбовски, до Феми Муча, тогаш член на Претседателството на ЦК СКМ- задолжен за војската и полицијата. Му сваривме чај од шипинки-собрани над шаторите! Само со ова,кажа, сте го сработиле СВОЗ-от!
Кога ја договаравме акцијата во ФРОНТОТ, се сеќавам, директорката на Библиотеката,Маринела Јовановиќ, исто така член на Претседателството – сега покојна, и падна да работи во групата со Трајан Старкоски, работеше во полицијата, дојден од ресенското село Мала Река, или скратено – Љо река! “Ако веќе една дама,праќате на терен, тогаш зашто не ја пратите со Млаткоски (Младиќ), туку со Старкоски!” – се пошегува Маринела.
Охриѓани го знаат како вљубеник во шахот (дури и клубот беше во зградата на ФРОНТОТ!), строг но праведен старешина, добар сосед, но, според некои и – одмаздољубив човек. Јас лично знам дека ми расправаше како во Втората светска војна, татко му (потекнуваше од краиштата на денешна Република Српска), го убиле – дали Бошњаци,или Хрвати, не се сеќавам! Колку тоа влијаело на неговите подоцнежни злосторнички постапки, знае само тој. Но, главно, тоа беа атрибутите на Ратко Младиќ, а на кои се сеќаваат неговите пријатели и познајници од времето кога тој бил на служба во Македонија која ја почнал во Скопје во 1965 година.
Сопругата на Младиќ, Босилка, е сирак од Херцеговина, која била посвоена од македонско семејство и пораснала во Скопје. Таа била книговодител, а за неа Младиќ се венчал во 1966 година. Во 1969 година го добиле синот Дарко, а две години подоцна и ќерката Ана. Дарко и Ана, имаа другари и другарки во Охрид, учеа во ЦОУ “Григор Прличев”. Кога ќе го читаат овој текст, верувам ќе се потсетат на својата другарка и другар.
Дарко Младиќ е оженет за Македонката Билјана, со која има две малолетни деца, додека Ана, во 1994 година, на 23 години, официјално, изврши самоубиство на градските гробишта во Белград. Знам дека студираше медицина – одличен студент, а пред да се убие беше на студентска екскузија во Москва. Печатот, тогаш пишуваше дека колегите и префрлале за постапките на татко и.
Клара Усон, писателка од Барселона, после смртта на Ана, ја напиша книгата “Ќерка на Истокот”, во која уште повеќе е нагласена загадочната смрт на Ана, некогашната охридска ученичка.
Додека Ратко беше во Охрид живееше во една од „воените“ згради во Охрид, поточно во малата зграда наспроти охридската пожарна. Неговата тогашна сосетка, сега починатата Берта Стојаковиќ своевремено се сеќаваше на него како на мирен човек кој обожувал да игра шах. Во мојот новинарски бележник, го имам запишано и ова:
-Според мене тој беше добар човек. Не можам да кажам ништо лошо за него. Фин човек, се поздравуваше со соседите. Имаше ќерка и син. Подоцна кога замина слушнав дека ќерката се самоубила. Со никого не се караше и откако замина од Охрид повеќе не го видов.
Кога Ратко беше уапсен во 2011 година, јас веќе имав изнесено некои спомени во мојата прва книга “Рани спомени”. За промоцијата во хотелот “ Стон Бриџ” во Скопје, меѓу останатите, имаше пишувано и тогашен “Дневник”, ако добро се сеќавам го водеше Жоро (Зоран Димитровски). Побараа изјава од мене,во смисла на моите сеќавања. После ден-два, со Зоран Иванов седнавме на кафе во бавчата на едно кафуле во Дебар Мало. Гледам, доаѓаат Чом и една негова (јасна) “другарка”! Јас слушам како му вели, уште на улицата: “Ене го другар му на Младиќ!?”.
Веле Митаноски
новинар и публицист















