Со парада на маскираните групи од Горно и Долно маало денеска во 14 часот започнува карневалската забава во Вевчани. Според најавите свое обраќање на отварањето на карневалот ќе има министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Претходно, во 13 часот, министерката Канческа-Милевска во центарот на Вевчани, заедно со градоначалникот Цветомир Угриновски ќе го пуштат во употреба монтажниот објект наменет за продажба на сувенири и друг вид културно-туристички промотивен материјал.

Вечерва во 21 часот ќе се одржи концерт на етногрупата „Љубојна“ со Вера Милошевска-Јосифовска и Оливер Јосифовски, а гостите на на карневалот по 23 часот ќе ги забавува фолк-пејачката Елена Велевска. Старата нова година – Василица ќе биде пречекана со голем огномет што ќе трае три до пет минути. Манифестацијата ќе заврши со традиционалното палење на маските на 14 јануари.

Инаку главната музичка програма во рамки на карневалските празнувања започна вчеравечер со настап на македонскиот бенд „Суперхикс“ и хрватскиот бенд „Прљаво казалиште“.

OhridNews