Општинскиот Црвен крст денеска ќе ја реализира традиционалната, хуманитарна спортско-рекреативна акција “За посреќно детство”.
Манифестацијата ќе започне со „главна трка” на учесниците, со старт од плоштадот „Чинар”, која ќе се движи по улицата “Македонски Просветители” и цел на Градскиот плоштад “Климент Охридски”. На терасата на комплексот Летница, паркот пред Охридско лето, на просторот пред Центарот за култура “Григор Прличев” и на градскиот плоштад “Климент Охридски” од 11:00 – 14:00 ч. ќе се одвиваат спортско-рекреативни натпревари и културно-забавни содржини што воедно е и целта на ова акција-промовирање на спортскиот дух меѓу младите преку нивно учество во различни спортско-рекреативни содржини, како и подигање на свеста кај нашите сограѓани за солидарност, хуманост и пружање на потребната помош на оние кои се соочуваат со социјални или здравствени потешкотии.
Средствата собрани од оваа акција со продажба на учесничките броеви и со обезбедување на прилози од спонзори и донатори, ќе бидат наменети за набавка на соодветни производи со кои Ќе се помогне на децата од социјално најзагрозените семејства во Охрид и Дебарца.
Секој што ќе купи учеснички број за акцијата, кој чини 30 ден., може да се натпреварува во повеќе спортските дисциплини: шах, пикадо, баскет, мал фудбал, одбојка, „не лути се човеку“ и многу други спортски и едукативни содржини. Купениот учеснички број учествува во големата наградна игра со преку 100 вредни награди (седум дневно зимување на Златибор, 5 дневен престој во Крагујевац, викенд во Крушево, велосипед, ДВД плеер, компјутерска галантерија), кои ќе бидат јавно извлечени на 15 јуни.
Веќе втора година, акцијата се реализира во соработка со Комплексот Св.Ѓорѓија-Стоматолошкиот центар Д-р Баткоски кои за посетителите на ова манифестација подготвија голем број изненадувања.
OhridNews