Здружението за поттикнување на развојот на книжевноста и другите уметности „Креативна верига“ денес ќе ги додели наградите по повод распишаниот конкурс за најдобра необјавена песна за деца „Тоде“, во чест на поетот и писател за деца, Тоде Илиевски.
Конкурсот бепе распишан како начин да се оддаде почит Тоде Илиевски, охридскиот поет кој зад себе има оставено трајни вредности, посебно во книжевноста за деца.
Од пристигнатите 96 песни жири-комисијата во состав: Горјан Петревски, Николина Андова Шопова и Живко Грозданоски, ги издвои песните што се најдоа во потесниот избор, а меѓу нив се и трите најдобри, за кои се предвидени парични награди.
Настанот е со поддршка од Општина Охрид, а освен доделувањето на наградите, предвидена е богата програма, каде акцент ќе се стави на творештвото на Тоде Илиевски.
На 7 март навршуваат 71 година од раѓањето на Тоде Илиевски, поет и писател за деца и млади, хуморист, сатиричар, енигматичар, шаховски проблематист.
Здружението „Креативна верига“ изразува благодарност до сите автори, кои учествуваа во конкурсот, а посебна благодарност упатува до библиотеката „Григор Прличев“ и Општина Охрид за комплетната поддршка за организирање на овој настан, замислен да прерасне во традиционална манифестација.
OhridNews