Советот на општина Охрид, денес, ја одржа последната седница во овој состав. Пред советниците се обрати претседателката на советот, Гордана Коњаноска, која истакна дека четири години биле малку за да се реализира сето она што било зацртано, но и дека она што е особено важно е тоа да по завршувањето на мандатот советниците не се срамат од она што досега го направиле за градот.

– Посакував оваа седница да не ја одржуваме денес, туку во март кога требаше нашиот мандат да заврши. Најголемиот дел од мандатот го сработивме во долга и тешка политичка криза во државата. Работата на советот беше транспарентна, на некого можеби му направивме разлика во живеењето во позитивна смисла, на некого можеби негативна. По завршување на мандатот најважно е да не сме срамиме од она што сме го сработиле. Со 76 седници и една одложена, направивме доста, иако посакував поголема вклученост на граѓаните во однос на поставување теми преку советниците, рече Коњаноска.   

Пред советот се обрати и градоначалникот Никола Бакрачески кој истакна дека изминатите години во советот се споделувале спротивставени мислења, се наметнувале ставови, но и дека  иамло и убави моменти кога се постигнувала согласност за користа и исправноста на одлуките кои се донесувале со консензус или во глобала- обострано.

– Не сите одлуки кои ги носевме овдека беа допадливи за сите граѓани. Не сите одлуки кои ги донесовме беа дочекани со воодушевување од сите страни. Некои од таквите одлуки сме морале да ги донесеме бидејќи се обврски кои произлегуваат од законите и регулативите.Имаше и такви на кои поединци ќе гледаат со негодување, нема да се согласуваат со нас, ќе не обвинуваат и ќе ни се лутат. Но најважно од се е да бидеме искрени пред нив, да им ја кажуваме вистината во очи, или барем да ја образложиме одлука која сме ја донесле, била таа донесена со мнозинство гласови за или мнозинство гласови против. Не секогаш интересите на поединецот се поклопуваат со општите и заеднички интереси на градот. Но во едно сум цврсто убеден. Дека сите одлуки кои ги донесовме-и оние кои беа нашироко прифатени и оние за кои имаше поедини несогласување, ги донесовме за општото добро на граѓаните, за општото добро на заедницата и за општото добро на градот, рече Бакрачески.

Во текот на седницата која беше со две точки на дневен ред- предлог одлуката за отпис на основни средства – компјутери и предлог заклучокот за усвојување на информацијата за работата на Советот на општина Охрид во мандатниот период 2013 – 2017 година, се обратија и дел од советниците кои ги споделија своите искуства од работењето на овој состав на советот.

Своето заедничко работење членовите на советот го заокружија со кафе муабет во еден од локалите во охридската чаршија.

Т.К.