Во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање и асоцијацијата Ајде Македонија, и годинава ќе се спроведе кампањата “Македонија без отпад”, која има за цел развивање на свеста кај граѓаните за правилно управување со отпадот. Во рамките на летната акција на кампањата предвидени се активности за чистење на националните паркови во државата, како природно и културно наследство од исклучителна вредност.
Активностите за чистење на отпадот во НП Галичица ќе се спроведат денеска при што од охридската страна на паркот ќе се подига расфрланиот отпад на излетничките места Корита и Јадера кај Св.Наум и покрај патот Охрид-Св Наум, а од Ресенската страна, на крајбрежјето на Преспанското Езеро, кај с. Стење каде ќе се отстранува извадената трска од езерото. Активности ќе се реализираат и во националните паркови Пелистер и Маврово.
Во акцијата активно се вклучени управите на трите национални паркови, општините Охрид, Ресен, Битола и Маврово и Ростуше, јавните комунални претпријатија, локалните здруженија на граѓани, туристичките и угостителски работници, планинари и алпинисти, Црвениот крст на Македонија, Извидниците, колективните управувачи со отпад од пакување: ПАКОМАК и Еко клуб и др.
Инаку,првите пилот акции за чистење на отпадот во шест општини се спроведоа во 2012 година, а активноста доби голема медиумска поддршка и присуство на членови на Европската делегација во РМ на чело со евроамбасадорот како и дипломати од Словенија, Холандија и Шведска.
Акцијата е дел од светската акција за чистење на отпадот во еден ден која се организира во 100 земји ширум светот.
OhridNews