Денеска во селото Требеништа ќе започне првото издание на Фолк фест „Црешнобер“. Оваа манифестација која се организира под покровителство на општина Дебарца има за цел да ја промовира црешата како заштитен знак и бренд на ова село.

Организаторите информираат дека манифестацијата ќе трае два дена и истата ќе изобилува со богата културно-забавна програма и други интересни активности.

Забавниот дел од црешноберот ќе започе вечерва во 19 часот, со изложба на дела од колекцијата на ликовната колонија „Дебрца“, по што ќе има и изложба на цреши. По изложбата планирано е да има настап на културно-уметнички друштва и естрадни уметници. На свеченото отворање на манифестацијата ќе се обрати Градоначалникот на општина Дебарца, Игор Трајкоски.

Во рамки на вториот ден од црешноберот, во недела во 12 часот повторно ќе има изложба на дела од колекцијата на ликовната колонија „Дебрца“ и изложба на Брендираната цреша. Вечерта со почеток во 20 часот и 30 минути планирано е да се одржи вечер со староградска музика, на која ќе настапат голем број естрадни ѕвезди.

OhridNews