Добитникот на наградата за животно дело Свети Климент Охридски – патрон на Охрид, што се доделува по повод патрониот празник на градот, ќе биде соопштен денеска на прес конференција што ќе се одржи во музеј куќата на Григор Прличев.
Според најавите, одлуката ќе ја соопшти градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески.
По повод празникот „Свети Климент“, заштитникот на градот,вчера на градскиот плоштад се одржа настан: Младите во чест на Свети Климент, на кој настапија децата од охридските градинки, како и ученици од основните училишта.
Чествувањата продолжуваат попладнево во 16 часот со настанот „Сите кон Свети Климента“ со групно поаѓање кон Светиклиментовата црква на Плаошник. Во 18:30 часот ќе се следи свечена приредба по повод патрониот празник на ОУ „Св. Климент Охридски“ во НУ Центар за култура „Григор Прличев“, а свечената приредба по повод патрониот празник ќе се одржи во просториите на Гимназијата „Св. Климент Охридски“.
На денот на патронот Свети Климент, 8-ми декември во 09:30 часот ќе има поклонение пред моштите на Св. Климент Охридски на Светиклиментовата црква на Плаошник. Во 18 часот ќе се одржи традиционалната изложба на Фото-клубот „Охрид“ во НУ Центар за култура „Григор Прличев“, како и изложбата на дела на роднокрајни ликовни уметници.
Чествувањата по повод Патрониот празник на Охрид ќе бидат заокружени со свечена академија што ќе се одржи во Центарот за култура од 19 часот, на која ќе биде доделена наградата за животно дело Свети Климент Охриддски.
OhridNews