Првата група на холандски туристи, кои годинава ќе одмараат на охридското крајбрежје се очекува да пристигне денеска на Охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“.
На пречекот на првата група туристи од Холандија која ќе слета со чартер лет на туроператорот „Corendon NL“, ќе присуствуваат Зоран Крстевски, генерален менаџер на ТАВ Македонија; градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески и Асим Меџедовиќ, директор на туристичката агенција „Фибула Ер-травел“.
Според највите од ХОТАМ, првиот чартер на туроператорот „TUI“ се очекува да пристигне во Охрид на 13-ти мај, а од годинава туристички групи во македонските езерски центри, ќе започне да носи и белгискиот туроператор „Thomas Cook”, чиј прв чартер лет до Охрид е најавен за 20-ти јуни.
-Туроператорот „TUI“ има склучено договор со 30-тина хотели и помали сместувачки капацитети на Охридското Езеро, а туроператорот „Corendon NL“ има склучено договор со 10 хотели и вили. Туроператорот „Тhomas Cook” за својата прва година од соработката со Македонија склучи договор со 12 хотели и помали сместувачки капацитети и според најавите, освен туристи од Белгија планира да носи и туристи од Германија, информираа од ХОТАМ.
Освен традиционалните туристи од Холандија оваа пролет во Охрид се очекува да одмараат и голем број туристи од Израел и од Турција. Македонија веќе неколку години наназад е дел и од мапата на кружните Балкански тури од Далечно-источните земји, па и оваа пролет во Охрид се очекуваат голем број на туристи од Јужна Кореја и Кина.
OhridNews













