Денеска (16,30 ч.) се играат последните 90 минути од годинашниот второлигашки шампионат, во кој Напредок и Брегалница влегуваат со прволигашки надежи.

Прволигашки статус ќе обезбедат првите три пласирани екипи, сигурни се Шкендија и Скопје, а до третата позиција поблиску е Напредок поради подобриот меѓусебен скор од Брегалница. Штипјани се домаќини на Новаци, а Напредок гостува во Струга кај Влазними. На преостанатите средби се среќаваат Дрита – Локомотива, Скопје – 11 Октомври, Цементарница – Беласица, Шкендија – Охрид и Миравци – Влазерими.

Поради дисквалификациите во прволигашката конкуренција редуциран е и бројот на екипите кои ќе испаднат од второлигашкото друштво. Само последнопласираниот, Охрид или Влазерими директно ќе испадне, а претпоследниот ќе разигрува со петте прваци од третолигашката конкуренција за комплетирање на лигата со 12 екипи за новата сезона.

На сила е одлуката за скусување на второлигашкото друштво од 14 на 12 екипи, но има и иницијатива што УО на ФФМ ја прифати за зголемување на лигата на 16 екипи. Со прифаќање на ваквото барање на третолигашите и дел од второлигашите, баражите ќе бидат елиминирани, а нема и никој да испадне. ФФМ е на потег.

Вчера претседателот на ФФМ Харалампие Хаџи-Ристески ги собра претставниците на прволигашите и прволигашите зад затворени врати да го испита пулсот на екипите. Иницијаторот за проширување на Втората лига го достави на увид образложението поради што се бара поголема лига. Вчерашната средба закажана подалеку од очите на јавноста на која требаше да се дебатира за националното лиценцирање што ќе стартува од оваа сезона, требаше да даде одговор и за воведување на котизација. За настап во прволигашкото друштво е планирано екипите да уплатат 30.000 евра, а за во Втората лига 15.000 евра.