Националната установа Библиотека „Григор Прличев“од Охрид, утре – петок на свечен начин ќе го одбележи Денот на македонскиот јазик и азбука.
Во нашата Библиотека од 10.00 часот во соработка со градинките и училиштата и граѓаните ќе бидат промовирани македонскиот јазик и литература. Во рамки на програмата предвидено е обраќање на директорот на Библиотеката, м-р Милчо Јованоски на тема: Македонскиот јазик темелот на македонската државност „Од Климента, преку Прличев до Конески и Шопов“, видео обраќање на проф. д-р Људмил Спасов, претседателна Советот за македонски јазик, додека на тема „За македонската азбука, јазик и култура“ ќе говори Бети Лазеска – Симоноска, библиотекар, велат во соопштението од охридската Библиотека.
Додаваат дека ќе биде поставена изложба на дела (книги) од фондот на Библиотеката од Конески и Шопов ( 100 години од неговото раѓање). На програмата се и „Проста и строга македонска песна“ – документарен филм за Конески и документарен филм „Тешкото“, како и активноста „Цртаме инспирирани од азбуката“ предвидена за деца од ЈОУДГ „Јасна Ристеска “ Охрид, а рецитал посветен на македонскиот јазик ќе одржат ученици од ООУ „Св. Наум Охридски“ Пештани, додека рецитал посветен на Конески и Шопов ќе одржат ученици од ООУ „Христо Узунов“ – Охрид.
Настанот е отворен за сите граѓани. Упатуваме, посебна и јавна покана до сите наставници по македонски јазик од основните и средни училишта во Охрид да ни се придружат во одбележувањето на денот на македонскиот јазик, потенцираат од Библиотеката.
На 5 мај 1945 година, со Решение на Народната влада на Федерална Македонија била усвоена азбуката на македонскиот јазик, а по два месеца, Министерството за просвета го озаконува првиот правопис на македонскиот јазик.
OhridNews