Под мотото едно езеро – безброј приказни викендов во Струга, во соработка со Europe House Struga и Хотел Дрим, Општина Охрид и Општина Поградец беше одбележан денот на Езерото. Посетителите имаа можност да уживаат во богата уметничка програма, изложбени содржини, ракотворби и активности кои ја промовираат природната убавина, културата и значењето на Охридското Езеро.
На централната свеченост на Машка плажа денес пред присутните испратија пораки Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, заменик Градоначалникот на Охрид Ана Крстеска и Градоначалникот на Поградец Илир Џаколи.
Едно езеро – безброј приказни. Приказни за секој нас, приказни за Струга, приказни за Охрид, приказни за Поградец, приказни за генерации кои живееле покрај неговите брегови. За рибарите кои го започнуваат денот на неговите води, за поетите кои во него ја пронашле инспирацијата, за туристите кои одново му се враќаат, восхитени од неговата убавина. Но денес, не сме тука само да ги славиме тие приказни, тука сме затоа што сите ние сме дел од една нова приказна, приказната за тоа како заедно се грижиме за едно од настарите и најбогатите езера во Светот и во Европа. Охридското Езеро не е само природно богатство, тоа е наш заеднички дом, наше наследство и наша одговорност. Неговата вредност не се мери само со неговата убавина, туку и со нашата подготвеност да го зачуваме за генерациите што доаѓаат. Токму затоа, Денот на Езерото има посебно значење, тој не потсетува дека без разлика на границите, институциите или нашите разлики, сите ние сме чувари на истото богатство, а таа заедничка цел е ова заедничко богатство не обврзува да креираме заеднички проекти во интерес на сите наши граѓани. Токму затоа, веќе промовирам неколку иницијативи кои сакаме заедно да ги реализираме, итоа, воспоставување водна линија со траект на релација Струга-Поградец-Охрид, изградба на велосипедски и пешачки патеки околу езерскиот брег, развивање на заеднички туристички понуди и туристички групи. Овие проекти ќе не поддржат уште повеќе, ќе создадат нова додадена вредност за целиот регион. – изјави градоначалникот на Струга, Менди Ќура.
Горди сме што оваа година Струга е домаќин на оваа значајна манифестација, град кој со векови ги поврзува луѓето, културите, идеите и денес ги обединува и трите градови околу една заедничка цел, зачувување и унапредување на Охридското Езеро. Нека оваа прослава биде потсетник дека најголемите вредности не се оние што ги наследуваме, туку оние што ќе успееме да им ги оставиме на нашите идни генерации. Ви благодарам што сте денес тука, да продолжиме заедно да ја раскажуваме најубавата приказна, приказната за едно езеро и безброј луѓе кои го сакаат, го чуваат ова езеро.
Денеска, исто така, е отворањето на сезоната 2026, денот на туризмот кој се надеваме дека ќе е многу успешен. – додаде Ќура.
Денес се собравме да го одбележиме Денот на Охридското Езеро – 21 јуни, ден посветен на едно од најголемите природни богатства не само за Македонија и Албанија, туку и за целиот свет. Охридското Езеро е симбол на животот, убавината и историјата. Со својата старост од неколку милиони години, тоа претставува едно од најстарите езера на планетата и дом на уникатен жив свет што не може да се најде на друго место. Неговите бистри води, богатата флора и фауна и прекрасните пејзажи со векови ги восхитуваат луѓето од различни краеви на светот. Но, Охридското Езеро е многу повеќе од природен феномен. Тоа е дел од нашиот идентитет, нашата култура и нашето духовно наследство. На неговите брегови се испишани страници од историјата, се создавала култура и се пренесувале знаења кои оставиле траен белег врз развојот на нашиот народ. – изјави заменик Градоначалникот на Охрид, Ана Крстеска.
Денешниот ден е можност не само да се восхитуваме на неговата убавина, туку и да се потсетиме на нашата одговорност. Заштитата на Охридското Езеро е обврска на сите нас – институциите, граѓаните, туристите и идните генерации. Само преку заедничка грижа можеме да го зачуваме овој непроценлив природен бисер за оние што доаѓаат по нас. Нека Денот на Охридското Езеро нè поттикне на поголема свест, почит и љубов кон природата. Да бидеме чувари на ова богатство и да работиме за негово одржливо и одговорно користење.
Честит да ни е Денот на Охридското Езеро! – додаде Крстеска.
Дозволете ми, најнапред, да изразам задоволство и благодарност за успешната соработка меѓу Општина Струга, Општина Охрид и Општина Поградец во рамките на „Денот на езерски градови. Во вториот дел од моето обраќање, дозволете ми да ја истакнам важноста на овој посебен ден „Денот на Езерото“, ден што служи како потсетник за посебната врска меѓу нашите заедници. Организирањето на активности со ротирање на овој ден нè приближува едни со други и овозможува размена на идеи и меѓусебни искуства во корист на нашите заедници. На крај, изразувајќи благодарност, сакам да ја потврдам мојата увереност дека добрата волја и усогласените напори меѓу нашите институции придонесуваат за подобрување на квалитетот на јавните услуги и инспирираат заемна посветеност и соработка. – изјави Градоначалникот на Поградец, Илир Џаколи..
Денот на Охридското Езеро одбележан во Струга
OhridNews
Фото: А.Момироска
























