
Со оглед на тоа што од година во година туристичката сезона во градот се намалува, преку овој вид туризам истата би се продолжилаа на определен период. Со сличен став се и охридските стоматолози, кои велат дека идејата за развој на здравствениот и денталниот туризам воопшто, е реално остварлива со помош и поддршка не само од локалната самоуправа, туку и на туристичките агенции од Охрид.
„Финансиските примиња во земјава за разлика од европските земји се пониски и автоматски тоа значи дека денталните услуги се значително поефтини, а со ист или подобар квалитет. За мене лично, ваков вид на туризам може да развива секое погранично место, а како пример ќе наведам дека во Грција истите стоматолошки услуги кои ги нудиме чинат околу 70 отсто повеќе. Под дентален туризам се подразбира самиот одмор на пациентите кој вклучува сместување во хотелските капацитети, посета на културно-историски споменици, транспорт до ординациите и користење на услугите кои ги нудиме. Сепак, за сето ова потребно е голем маркетинг и огромна организација, со која туристичката сезона би се продолжила дури и во зима.“ – вели д-р Ертан Омеров, од стоматолошката ординација „Денторија“.

Дел од стоматолозите велат дека за реализација на овој просперитетен проект потребна е категоризација на стоматолшките ординации, чии цени на услугите ќе бидат еднакви како за домашните, така и за странските пациенти. Д-р Омеров потенцира дека корист од овој вид туризам ќе имаат угостителските, хотелските и туристички работници.
„Сите нудиме слични услуги со различен квалитет и исти цени, па затоа е потребна категоризација на ординациите. Во последно време, локалната самоуправа ги поддржува овие идеи, а јас лично сум отворен за секаква соработка. Можам да напоменам дека сме единствени што изработуваме дентални импланти кои се произведуваат во Европската унија, а чинат 10 пати пеофтино од таму.“ – додава д-р Омеров.

Некои велат дека потребно е основање на Здружение на стоматолози кои би било потпомогнато од локалната самоуправа и туристичките агенции, со што овие дентални услуги би се презентирале на туристичките саеми ширум европските земји.
„Ако неколку стоматолошки ординации заеднички ги презентираат услугите во Европа, сигурно дека би привлекле доста пациенти. Од сето тоа, бенефит би имале и поголемите туристички агенции, бидејќи тие можат да направат посебни понуди вон туристичката сезона кога Охрид е празен. Тоа ќе претставува една економска ињекција за градот. Интерес постои кај англичаните и ирците, но секако дека тие не би дошле на своја рака без соодветна туристичка понуда. Воглавно, потребна е промоција и презентација на нашите услуги, кои се доста квалитетни и поевтини за разлика од европскиот пазар.“ – вели вели д-р Ангеле Гиноски од стоматолошката ординација „Денто медика“.

Инаку, неодамна охридскиот градоначалник Никола Бакрачески, истакна дека остварени се голем број средби со потенцијални инвеститори од Холандија, Турција, Исланд, Швајцарија кои се заинтересирани за изградба на елитни комплекси за хотелско сместување, како и за објекти за здравствен туризам, а на потенцијалните инвеститори им се претставени можностите.












