ГРК Охрид одигра нерешено 28:28 во дерби натпреварот од 1 коло на Супер лигата со Еурофарм Пелистер. Во неизвесен натпревар и уште понеизвесен финиш мечот во полната сала “Билјанини извори” заврши без победник.
Мечот од почетокот беше тврд, со цврсти одбрани и жестоки дуели. Во таквата игра гостите подобро се снајдоа, Охрид повеќе грешеше, битолчани на полувреме заминаа со гол предност, 13:14.
Пелистер на почетокот зголеми на + 2, но Охрид брзо се консолидира, израмни, а потоа и го презеде водството. Се играше гол за гол. Славиќ и Блажески немаа свој ден, а во нападот единствен вистински расположен беше Доминик Мате кој мечот го заврши со 11 гола. Токму Мате на15 секунди пред крајот на мечот го доведе Охрид во водство 28:27, но Атанасиевиќ со звукот на сирената израмни за конечни 28:28.
Нерешено по се што се случуваше вечерва во „Билјанини извори“ можеби беше и реален резултат, иако и исходот можеше да биде и поинаков.
Дерби натпреварот започна со емотивно простување на Рибари и спортски Охрид од прерано починатиот спортски работник, кошаркарски тренер и навивач Антонио Савевски кој трагично го загуби животот во 33 година од животот. Транспарент во негова чест истакна и навивачката група Чкембари.
Во следното коло Охрид на домашен тререн ја пречекува Струга.
Фото галерија:
Дерби натпреварот во „Билјанини извори“ без победник
Г.М.
Фото: Анамараија Момироска


































































