В сабота со почеток во 19 часот дербито помеѓу Охрид и Пелистер во СРЦ „Билјанини Извори“ ќе означи крај на регуларниот дел од ракометната Супер лига. Ривалството помеѓу овие две екипи е големо и се очекува борба до последеден здив за бодовите во Охрид.

– Утре на домашен терен против Пелистер ќе го одиграме последниот меч во Супер лигата. Ќе играме да победиме, иако овој меч нема резултатско значење. Добро ќе биде за охридската публика да победиме и за нас, за што поголема самодоверба пред натпреварите од плејофот. – изјави капитенот на Охрид, Крсте Андоновски.

– Пелистер има квалитет, поседува голем ростер на играчи, но и ние имаме свои квалитети, кои ако ги покажиме сигурно ќе го добиеме натпреварот. – додаде пивотменот Иван Тасески, кој минатата сезона ги бранеше боите на битолскиот клуб.

Градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски кој исто така беше дел од пресконференцијата пред мечот со Пелистер им пружи поддршка на „гладијаторите“ и ја покани охридската публика да присуствува на дерби натпреварот.

Ракометниот клуб Охрид заедно со битолските екипи Пелистер и Еурофарм Работник и Пролет и Металург ќе го предизвикуваат Вардар кој ќе ја брани титулата во Супер лигата.

Мх.П.