На 11 март се навршија десет години од смртта на познатиот охридски медиумски работник Петар Алексоски (1971 -2013). Смртта го затекна на позицијата директор на техника во телевизија ТВМ. Тој беше дел од оваа медиумска куќа од нејзините почетоци.

Петар беше исклучително креативен, одговорен кон својата работа и омилен помеѓу колегите и соработниците. Зад себе остави бројни и значајни телевизиски проекти од сферата на докумнетарната, забавната, спортската и играната програма. Посебен печат остави во маркетингот, создавајќи стотици рекламни спотови и најавни шпици.

И покрај големите работни обврски, Петар секогаш беше со ведар дух. Со леснотија ги надминуваше сите предизвици и несебично им помагаше на сите свои колеги. Беше почитуван во целокупната медиумска заедница во Охрид и регионот.

Перчо, како што го викаа колегите, замина прерано. Не напушти во годините кога го достигнуваше зенитот во професијата. Во фелата ќе остане запаметен по професионализмот, неизмерната добрина и препознатливата насмевка со која на сите ни ги разубавуваше моментите минати заедно.

Таков ќе остане во нашите сеќавања.

Г. Момироски