Денеска се навршуваат десет години од загинувањето на вториот македонски претседател Борис Трајковски. Тој трагично го загуби животот во авионска несреќа кај Мостар – Босна и Херцеговина.

Десетгодишнината од смртта на претседателот Трајковски ќе биде одбележана во БиХ и Македонија. Во Ротимље – БиХ цвеќе ќе положи делегација на Република Македонија предводена од претседателот Ѓорѓе Иванов, а државнаи делегации цвеќе ќе положат во Алејата на великаните на градските гробишта во Скопје.

Владиниот „кингер” со кој патуваше претседателот Трајковски на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина на 26-ти февруари 2004 година се урна во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи во близина на Мостар. Заедно со претседателот загинаа, советниците во Кабинетот, Димка Илкова Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан-Лозановска, Миле Крстевски од МНР, членовите на обезбедувањето на претседателот Борис Велинов и Аце Божиновски и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.

Беше предвидено авионот да слета на мостарскиот аеродром во осум часот по локално време. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот. И македонското и босанското обвинителство случајот го затворија како несреќа. Истрагата што ја водеа надлежните органи во Македонија и БиХ, утврди дека причина за уривањето се пропусти на екипажот направени во процедурата за приоѓање на аеродромот Мостар во услови на сложена метеоролошка состојба, густа магла и облачност. Пропустите биле во тоа што екипажот отстапил од процедурата за слетување, откако претходно ја известил контролата на летање дека ја прифаќа и дека врши полна процедура при слетувањето.

Борис Трајковски е роден на 25 јуни, 1956 година во Струмица, а за претседател на Македонија беше избран во 1999 година.

OhridNews