Листата на заштитени споменици на културата во  Охрид наскоро ќе биде проширена  за уште десет  објекти со карактеристична архитектура изградени во периодот помеѓу двете светски војни. Меѓу нив е и зградата во која порано беше сместена дирекцијата на фестивалот „Охридско лето“, куќата во центарот на градот во која се наоѓа деловниот простор на ВИП, објектот во кој е сместено Радио Охрид и други.


-Проектот се реализира во соработка со Архиотектонскиот факултет при Универзитетот „Американ колеџ“ во Скопје, односно  катедрата на проф. Кокан Грчев. Студентите ќе изготват соодветна техничка  документација за значајните објекти изградени во периодот помеѓу двете светски војни, врз основа на кои Управата за заштита на културното наследство треба да донесе поединечни решенија за заштита, изјави за „OhridNews“ Тања Паскали Бунташеска, директор на Заводот и Музеј Охрид.

На овој начин, додава Паскали Бунташеска, студентите ќе ја пополнат својата програма со активности, а Заводот и Музеј многу поедноставно доаѓа до докомунтација која доколку сака сам да ја изработи бара ангажман на луѓе, односно стручен кадар со кој установата не располага во доволен број.


Покрај во Охрид, под заштита ќе бидат ставени и десет стари куќи во општина Вевчани, за кои веќе е издадено решение од страна на Управата за заштита на културното наследство.

Од Заводот и Музеј појаснуваат дека прогласувањето на објектите со вредна архитектура за заштитено културно наследство, не значи дека тие нема да можат да се користат во комерцијали цели, напротив, велат стручњаците, тоа ќе им отвори можност на сопствениците да аплицираат пред соодветните меѓународни фондови за добивање средства за реализација на проекти за развој  на туризам, угостителство, занаетчиство и друго.

Горан Момироски