Најдобриот маратонски пливач на денешницата, Петар Стојчев, десетти пат по ред триумфираше на Охридскиот пливачки маратон кој оваа година се одржа по јубилеен 25 пат.


Кралот на Охридското Езеро – Петар Стојчев

Стојчев патеката „Климе Савин“ од Св. Наум до Охрид во должина од 30 километри  ја исплива за 5 часа, 35 минути и 13 секунди.  Со триумфот во Охрид  тој го обезбеди првото место и во генерален пласман на Светската ранг-листа за 2011 година.

-Трката беше перефектна. Имав добра тактика и стигнав прв на целта, но верувајте многу помило од победата ми е тоа што Томи и Евгениј завршија како втор и трет.-изјави Стојчев.


Ги „знае“ кратките патеки по езерото – Петар Стојчев

Неприкосновениот Бугарин кој од 2001 година триумфира на Охридскиот маратон вели дека нема никаква тајна, но сепак го „откри“ рецептот за успех.

– Ги знам кратките патеки на езерото.-рече на шега Стојчев, додавајќи дека оваа година е во добра форма и тешко може некој да го победи.


Историски успех на македонските маратонци

Веднаш зад Стојчев во фото финиш како второ и трето пласирани пристигнаа македонските маратонци Томи Стефановски и Евгениј Поп Ацев, кој со пласманот во Охрид ја потврди третата позиција во Генаралниот пласман во светстката серија на ФИНА.

-Трката беше брза, уште од почетокот се наметна силно темпо. Презадоволен сум од резултатот, за мене ова е многу голем успех и не се надевав дека ќе завршам како третопласирен.-истакна Поп Ацев.


Евгениј Поп Ацев, официјално трет маратонец во светот

Во женска конкуренција втора година по ред триумфира Карла Ситиќ од Хрватска, која 30-те километри ги преплива за 5.52.55. часа. Таа триумфираше пред Естер Нуњез Мореро од Шпанија и Гелјо Пилјар од Аргентина.

– Ова е моја втора победа во Охрид. Многу сум задоволна, трката беше многу тешка, но ете успеав да победам повторно и многу сум среќна.-изјави Ситиќ.


Втор пат во ред триумфира во Охрид – Карла Ситиќ

Македонија и оваа година во женска конкуренција  немаше свој претставник.

Маратонот го завршија 20 натпреварувачи, а во текот на трката се откажаа двајца пливачи, по еден во обете конкуренции.


Голем број гледачи го проследија финишот на маратонот

Охридскиот пливачки маратон годинава привлече голем број гледачи на целта кај градското пристаниште во Охрид, каде пливачите ги пречека покровителот на најзначајната спортска манифестација во државата, претседателот Ѓорѓе Иванов.

Наградниот фонд на Охридскиот маратон, инаку последен во светската серија на ФИНА за оваа година, изнесува 25 илјади долари.

Горан Момироски