Автопатска делница од Кичево до Охрид е врвен приоритет на државата, нема калкулации и ниту јас, ниту Владата, ниту Министерството или ЈПДП не прифаќаме повеќе пролонгирање на роковите за изградба на овој автопат, рече денес министерот за транспорт и врски Благој Бочварски кој заедно со заменик-министерот и со директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Ејуп Рустеми извршија увид во градежните активности на Поделница 5 на автопатот Кичево – Охрид.

Очекуваме десната лента од Требеништа кон Охрид да биде комплетно завршена и пуштена во почетокот на август месец оваа година, додека левата лента ќе биде завршена и пуштена во сообраќај до крајот на оваа година. Во меѓувреме, активно се работи и на останатите потделници на клучките и на тунелот којшто е во завршна фаза. Се изврши комплетно препроектирање на 25 проценти од целата траса. Министерството ги одобри околу 70 инфраструктурни проекти и сега имаме чист терен за работа, рече Бочварски.

Имаме рок и тој рок мора да биде испочитуван од изведувачите, а имаме и обврска пред граѓаните, туристите и пред сите нас да изградиме модерен и безбеден автопат, додаде Бочварски.

Најголем дел од наследените проблеми ги решаваме, изведувачите на терен имаат преку 700 работници, преку 280 градежни машини и тоа е сериозна механизација која активно работи и е вклучена во изградбата на сите пет подделници на овој автопат. Вкупниот прогрес на градежните работи на целиот автопат изнесува 70 проценти од состојбата која ја наследивме. Денеска ќе се вградат 320 тони асфалт прв слој, а веќе утре се засилуваат и асфалтерските работи каде се вградуваат и по 900 тони асфалт дневно, а асфалтерските работи ќе продолжат во текот на целата градежна сезона на сите потделници, потенцираше Бочварски.

Дополнително, вели министерот, се водат и постапки и се градат паралелните пристапни патишта со приклучок на постоечките објекти во должина од околу 30 километри, а се гради контролен центар со комплетна опрема за сообраќајна сигнализација вдолж целата траса.

Директорот Рустеми истакна дека пробиени се околу 95% од трасата, а најголемиот дел од инфраструкурни проекти веќе се одобрени потсетувајчи дека автопатската делница Кичево–Охрид се состои од пет подделници, со вкупна должина од 57 км и со вкупна предвидена вредност од 598 милиони евра.

Кичево-Охрид не е само автопат во должина од 57 километри, туку паралелно со него се градат и дополнителни 30 километри паралелни пристапни патишта, клучки, а се градат и шест девијации за локални патишта. Коридорот 8 е значаен за Република Северна Македонија и токму затоа неговата изградба и модернизација ја доверивме на конзорциумот Бехтел и Енка. Во таа насока, и Собранието го донесе Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8, кој опфаќа делница Тетово-Гостивар-Букојчани и проект за автопатот Требеништа-Струга-Ќафасан, како и коридорот 10 Д, односно делница на автопатот Прилеп-Битола.  Веќе е формиран и Комитетот за преговори за склучување на Договор за градење, а по интензивната подготовка на целокупната тендерска документација објавивме оглас за избор на Надзор и правен Консултант кој што ќе ги води преговорите заедно со веќе формираниот Комитет од страна на Владата. И оваа постапка е во завршна фаза, така што со овој чекор се овозможува почеток на припремни работи за конкретна реализација на Проектот, додаде Рустеми.

Изградбата на автопатот стартуваше во 2014 година и според првиот договор, изградбата на автопатот требаше да биде завршена во 2018 година, но по промената на власта со Анекс на Договорот, рокот беше пролонгиран за 30 јуни 2021 година, со образложение дека имало пропусти во проектирањето.

Крајниот рок е повторно пролонгиран, овој пат до крајот на 2023 година.

Н.С.Ј.