Се што е убаво има крај, ама во Охрид убавите работи посебно кратко траат. Последен пример, за жал, е ново уредениот влез на градот. По само 27 часа од илуминацијата на макетата на автентичната охридска куќа, украдени се лед диодите и друга инсталација.
Непознат сторител ноќеска упаднал во паркот кај клучката на излезот од Охрид, го исклучил напојувањето, и украл дел од поставеното осветлување.
На местото на настанот увид изврши полицијата, а екипи на општина Охрид работат на санација на оштетувањата.
Во близина на уредниот парк на влезот од Охрид поставени се сигурносни камери, и постои веројатност дрскиот крадец да е “фатен“ на дело, истакнаа претставници на локалната самоуправа, кои изразија разочараност од односот на поединци кон јавните добра.
Како што информиравме, пред два дена на иницијатива на локалната самоуправа влезот на Охрид од Скопје беше уреден со парк, каде е поставен грб на градот со стрелка која упатува кон Охрид, како и макета на охридска куќа.
Г.М.