Државата треба да го вклучи алармот и сериозно да се загрижи за здравјето и проблемите со неправилниот раст на децата, апелираат стручните лица. Прегледите извршени во изминатите седум месеци на 800 ученици во општината, утврдија дека над 75 проценти од децата на возраст од 10 до 12 години во Охрид имаат видливи деформитети на мускулно скелетниот систем, а кај дел од нив изразен е и проблемот со прекумерна телесна тежина.

Како најголема причина за овој проблем се наведува недоволната физичка активност и преголемото време минато пред компјутер.

-Децата малку спортуваат, а многу повеќе време поминуваат пред компјутерите – и до 4 часа дневно. Во училишните клупи никој не внимава на своето држење на телото, вели Јован Каланоски – дипломиран кинезитерапевт од студиото „Кинезио“, каде се изведуваат часови по корективна гимнастика за отстранување на деформитетите кај децата во раст.

Проблем со деформитети  на мускулно скелетниот систем има кај децата во раст во целата држава предупредува  Каланоски, што може да има сериозни последици не само по здравјето на младата популација, туку и врз целото општество.

– Нема да имаме работоспособни луѓе, ќе имат проблеми самите, не ќе можат да се физички активни доволно, а тоа ќе им пречи како во работата така и во нормалниот живот, додава Каланоски.


Стручните лица сметаат дека за намалување на деформитетите кај децата неопходно е системско решение со кое спортските активности ќе станат задолжителни за младата популација.

-Секој ден да има часови по физичко во наставата од почеток на нивното образование, односно од 1 одд. и во предучилишна возраст.-смета професорот по физичко образование Јоне Станкоски.

Според Станкоски поголемо внимание на овој проблем треба да обрати и Министерството за здравство, особено при систематските прегледи, кои не смеат да бидат само про- форма.

-Кај голем број од децата на тие систематски прегледи се констатираат деформитети, но натаму не се преземаат доволно мерки за отстранување на истите. Потребна е поголема грижа и да се вложат многу повеќе средства за корегирање на деформитетите кај младата популација, додаде Станкоски.

Со цел да се намали високиот процент на деца со деформитети на мускулно скелетниот систем, на иницијатива на професорите по физичка култура, општина Охрид спроведува проект со кој на најризчните категории деца им се овозможува 3-месеци да посетуваат часови по корективна гимнастика бесплатно, но стручните лица сметаат дека и државата мора посериозно да посвети внимание на  проблемот кој го загрозува здравјето на младата популација.

OhridNews