Родителите и децата со пречки во развојот кои веќе шест години по неколку часови дневно поминуваат во дневниот престој во црквата Св. Ѓорѓија стравуваат дека наскоро проектот кој им овозможи меѓусебно дружење и социјализација , ќе прекине.

Станува збор за проектот Добротољубие, кој е резултат на соработката помеѓу католичката и православната црква, а е финансиски подржан од германско здружение кое финансира проекти од ваков вид во повеќе земји во регионот.

Тука децата се згрижени без разлика на нивната возраст или болест. Поминуваат по неколку часови дневно, од 8 часот наутро до 13 часот. Се дружат меѓусебе, разговараат, играат игри на компјутер, онака како што тие сакаат и без некаков притисок од наша страна , објаснува дипломираниот психолог Марија Кочовска, која се грижи за децата.

Таа додава дека дневниот престој има големо значење за самите деца, но и нивните родители, затоа што родителите воопшто не се изложени на било каков трошок околу оброците за храна и превозот.

Децата имаат голема потреба да се дружат и затоа кај нив се јавува страв дека проектот може да престане поради недостиг од средства. Засега финансиски средства има до мај годинава, а од наша страна се прават обиди тој да продолжи, вели Кочовска.

Децата кои го посетуваат Дневниот престој во црквата Св. Ѓорѓија неодамна беа посетени и од страна на градоначалникот Александар Петрески, кој при тоа потенцира дека локалната самоуправа ќе продолжи со поддршката на оваа ранлива категорија деца. 

– Иако тоа не беше во наша надлежност, успеавме да отвориме во секое училиште простории за децата со посебни потреби. И во наредниот период ќе продолжиме да инвестираме со цел во што поголема мера да ги задоволиме нивните барања, рече градоначалникот Александар Петрески.

OhridNews