Јавниот повик за користење на бесплатната услуга за одмор и рекреација на децата од социјално загрозените семејства трае до 25 јуни и се уште има време за аплицирање и слободни места.

Како што вчера појасни Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, летувањето ќе се реализира во туристичките центри во Струга и на Пелистер.

„Обезбеден е бесплатен превоз, бесплатно сместување и полн пансион од седум дена, со шест ноќевања. Децата со инвалидност и децата без родителска грижа имаат право на придружник.“ – истакна Спасов.

Ресорнииот министер ги повика сите заинтересирани да аплицираат во центрите за социјална работа, истакнувајќи дека право да конкурираат имаат и оние кои лани биле на летување.

Инаку, оваа услуга може да ја користат деца од семејства корисници на социјална парична помош, постојана парична помош, деца корисници на посебен додаток, детски додаток и децата без родители и родителска грижа родени во период од 1998 до 2003 година, односно деца – редовни ученици во петто, шесто, седмо и осмо одделение во учебната 2012/2013 година.

Превозот на децата од одреденото место, ќе биде организиран од страна на надлежниот Центар  за социјална работа.

OhridNews