Освен во депонијата на Дрисла, медицинскиот отпад да се уништува децентрализирано, со што би се намалиле и трошоците за неговиот транспорт , предлага министерството за здравство.

Овој проект би се реализирал по пат на јавно- приватно партнерство во кое би било вклучено и комуналното претпријатие, групацијата ЕКО, кое денес во Охрид со претставници од републичкиот Институт за јавно здравје изврши запознавање и кратка обука на медицинските лица од здравствените институции од Охрид и Струга. 

  

– Како министерство за здравство, односно Институт за јавно здравје, направивме план согласно законските прописи со што имаме за цел секаде во Македонија да се врши безбедно третирање на медицинскиот отпад, од неговото пакување и селектирање до неговото уништување што би се вршело на висока температура. При тоа, ќе се намали отпадот за 90%, а со тоа и ризикот по здравјето на лицата кои го третираат и оние кои би можеле да дојдат во контакт со ваквиот вид отпад, вели проф. Д- р Михаил Кочубовски од Институтот за јавно здравје.


Професор д- р Кочубовски потенцира дека засега во поголемиот број здравствени установи медицинскиот отпад соодветно се селектира и управува, но основниот проблем е да се реши проблемот околу неговото уништување.


Со цел посовремено третирање на медицинскиот отпад веќе е распишан и тендер за набавка на нова печка за депонијата во Дрисла, во која засега се носи и спалува медицинскиот отпадот од сите здравствени установи од земјава.  

Т. К.