Владиниот „кингер” со кој патуваше претседателот Трајковски на Меѓународна конференција за инвестирање во Босна и Херцеговина на 26-ти февруари 2004 година се урна во атарот на Матиќ Брдо кај селото Хусковиќи во близина на Мостар. Заедно со претседателот загинаа, советниците во Кабинетот, Димка Илкова Бошковиќ, Ристо Блажевски и Анита Кришан-Лозановска, Миле Крстевски од МНР, членовите на обезбедувањето на претседателот Борис Велинов и Аце Божиновски и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски.
Беше предвидено авионот да слета на мостарскиот аеродром во осум часот по локално време. Остатоците беа пронајдени 24 часа по паѓањето на авионот. И македонското и босанското обвинителство случајот го затворија како несреќа. Официјално несреќата се случила поради грешка на пилотите.
Босанските власти неодамна најавија дека ќе отворат нова истрага за авионската несреќа во која загина македонскиот претседател, Борис Трајковски.
Шефот на комисијата за истражување на воздухопловни несреќи при Министерството за транспорт и врски на Босна и Херцеговина, Омер Кулиќ потврди дека нашле доволно докази кои фрлаат нова светлина за причините за падот на „кингерот“ на покојниот македонскиот претседател Борис Трајковски.
Сомнежите дека загинувањето на Трајковски не е несреќен случај, туку убиство ги поттикна швајцарскиот пратеник во европскиот парламент Андреас Грос. Тој беше и иницијаторот за формирање на анкетната комисија која ги истражува околностите под кои загина претседателот Трајковски.
Борис Трајковски е роден на 25 јуни, 1956 година во Струмица, а за претседател на Македонија беше избран во 1999 година.
Makfaks