Девет возачи од Охрид синоќа останале без возачки дозволи бидејќи ги управувале своите возила под дејство на алкохол. Дозволите биле одземени во рамки на акциската контрола на охридската сообраќајна полиција.
Според полицискиот записник од вчерашната акција, осум лица управувале моторни возила под дејство на алкохол, едно лице одбило алкотестирање, а девет возачи биле исклучени од сообраќајот.
-Синоќешната акциска контрола имаше за цел подигнување на безбедноста и заштитата во сообраќајот и доследно почитување на одредбите од законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Вакви акциски контроли ноќеска се реализираа на целото подрачје на СВР Охрид. Мерките ќе се спроведуваат кон сите учесниците во сообраќајот што ги кршат одредбите од законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, информираат од СВР Охрид.
Од таму повикуваат на целосно почитување на сообраќајните правила и прописи и максимален придонес од сите учесници за поголема безбедност и сигурност во сообраќајот.
OhridNews