Петар Стојчев Од Бугарија по деветти пат триумфираше на Охридскиот пливачки маратон. Тој патеката „Климе Савин“ од Св. Наум до Охрид во должина од 30 километри ја мина за 5 часа 37 минути, 39 секунди и 46 стотинки.

Стојчев во седумнаесетиот настап во Охрид, победата ја однесе пред германецот Александер Студжински и аргентинецот Дамијан Блаум кои во целта влегоа рамо до рамо.

– Пливавме цело време во група. Кај Пештани го засилив темпото и успеав да се издвојам за на крај и да триумфирам. Во текот на трката имаше повеќе мали инциденти, но тоа е нормално во вакви трки. Рекордот на Игор Мајцен е многу добар и иако пливавме со силно темпо не успеав да го срушам.-изјави победникот Стојчев.


Деветти пат на тронот – Петар Стојчев

Најдобро пласиран македонски маратонец беше Евгениј Поп Ацев, кој на целта пристигна како шести.

-Пливавме со многу јако темпо и задоволен сум од мојот пласман, најдобар од досегашните пет настапи во Охрид, истакна Поп Ацев, кој на една трка до крајот на светската серија се наоѓа на 6-то место во генералниот пласман.


Најдобриот Македонец – Евгениј Поп Ацев

Во женска конкуренција победи Карла Ситиќ од Хрватска, пред  Естер Нуњез од Шпанија и водечката во генералниот пласман, аргентинката Гељо Пилар. 

– Не очекував победа. Ова е нешто што не можам да го опишам. Се надевам дека ќе дојдам и следната година, рече Ситиќ, која триумфираше во својот прв настап во Охрид.


Прв настап и триумф – Карла Ситиќ

Македонија во женска конкуренција оваа година немаше свој претставник. Четворица од пријавените 26 пливачи не се појавија на стартот на маратонот, а во текот на трката се откажаа уште двајца натпреварувачи.

OhridNews