Деветтото издание на фестивалот „Дрим Шорт“ ќе се одржи од седми до десетти август на повеќе локации во Струга. Организаторите ветуваат четиридневна, инспиративна филмска и „Гледајте филмови, нема каде да се бега“ програма. Главните проекции ќе се реализираат во Паркот на поезијата, додека останатата програма ќе биде распределена во Јуроп Хаус Струга, кафе-бар Дуќан, мезе бар Барабар и мезе бар Кингстон.

Фестивалот ќе се одвива во текот на четири фестивалски денови, со пет натпреварувачки програми: меѓународна, регионална, национална, студентска и специјална програма насловена „Соочување со минатото“, реализирана во соработка со ПроПис Северна Македонија.

Натпреварувачката програма ќе биде придружена од ревијална програма што вклучува Вечер на холандски филм, со избор на филмови во соработка со фестивалот „Go Short“, програма на еколошки филмови во соработка со Еко Свест и специјална ВР програма на кратки филмови.
Музичката ОФФ програма се фокусира на македонската електронска сцена со диџеј сетови на Андреја Салпе и Андреј Мицајков.
Овогодишното издание на „Дрим Шорт“ е овозможено со поддршката од низа партнери и спонзори. Фестивалот се реализира и со поддршка од Општина Струга и Агенција за филм на Северна Македонија.
OhridNews











