Охрид денеска беше погоден од силно невреме кое предизвика големи материјални штети во некои делови на градот, истакна градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков. Тој ги обиколи најпогодените реони од невремето каде веднаш почна координирана акција за санирање на штетите.
Заедно со екипите на јавните претпријатија, територијалната противпожарна единица и надлежните служби излеговме веднаш на терен се организиравме и ги усогласивме активностите за што поскоро граѓаните да можат непречено да функционираат. – посочи Пецаков.
Најмногу штета невремето предизвика на улиците „Мирче Ацев“ и „Лазо Трпоски“ каде ветрот откорна лимен покрив од станбена зграда кој оштети најмалку шест куќи и автомобил. За среќа никој не е повреден. Таму вечерва штетите ги расчиствуваа екипи на територијалната противпожарна единица Охрид со помош на механизација.
Во оваа населба оштетен е најмалку уште еден покрив од цврста градба, а штети има и на други објекти.
Попладнето Охридскиот регион беше погоден од краткотрајно но интензивно невреме проследено со обилни врнежи од дожд силен ветер и електрични празнења. Ка кратко време наврна поголема количина дожд, на места и град, што предизвика реки од порој низ сообраќајниците во градот и околината.
Г.М.

















