Надлежните утрово соопштија дека со специјална црвена боја ќе се обележува велосипедската патека на улицата „Македонски просветители“. И ја обележаа. Арно ама ниту тоа не ги спречи (не)совесните возачи и покрај строгата забрана да застануваат и времено да се паркираат токму на тој дел од коловозот.

Според најавите со посебна боја ќе се означува делот за велосипеди и на улицата „Димитар Влахов“. На оваа улица е предвидено да се постават физички разделници, со што се очекува зголемување на безбедноста на велосипедистите кои постојано ја потенцираат потребата од обезбедување и означување на велосипедските патеки, а кои или ги нема или се уништени, соопштија надлежните служби. 

Но очигледно е дека ваквите и слични зафати нема да ја зголемат безбедноста на учесниците во сообраќајот и ќе немаат ефект додека не се променат навиките на возачите или доколку некој навистина не почне да ги санкционира и тоа без пардон. Се дотогаш парите за бојадисување и обележување на велосипедските патеки ќе бидат џабе потрошени.

OhridNews