Современите безбедносни консидерации од областа на информатичката технологија создаваат сериозни маки на професионалците, експертите и академиците кои се занимаваат со безбедноста и безбедносните прашања. Ова го истакна министерот за одбрана на Македонија, Талат Џафери, на денешното отворање на НАТО-регионалната школа за сајбер-одбрана која од денес до 26 октомври се одржува во Охрид.
Според него, Македонија е соочена со предизвикот и потребата за инкорпорирање на современите технологии во секоја сфера на модерното живеење и Владата покрај останатото е посветена на унапредување на благосостојбата на сите граѓани. Во таа насока, како што додава Џафери, е речиси повеќе од јасно дека за да се оствари оваа цел мора да се следат тековните трендови во сајбер домејнот.
„Оваа школа е прв ваков исчекор, кој е посветен исклучиво на сајбер одбраната. Тоа нема да биде последен чекор кој ќе го преземеме во оваа насока и во оваа област, туку само можност над која во склад со концептот за паметна одбрана на НАТО, ќе се обидеме да ги вклучиме сите земји од регионот и да придонесеме за поефикасна безбедност, сигурност и благосостојба на сите наши граѓани“, додаде министерот Џафери.
Дополнително, во контекст на моменталната состојба на полето на сајбер-безбедноста во Македонија, министерот Џафери посочи дека истата е на потребно ниво. Сепак, како што рече министерот, имајќи го предвид развојот на технологијата и новите системи, ние и сега и во иднина мораме да инкорпорираме нови и развојни безбедносни мерки.
Коорганизаторот на регионалната школа, предводен од кодиректорот Василка Санцин, инаку раководител на катедрата за меѓународно право на Правниот факултет во Љубљана, истакна дека целта на оваа школа е да се зголеми свесноста за сајбер-одбраната, како и свесноста за информатичката технологија и потребата од безбедност во таа сфера.
Професорот Методи Хаџи-Јанев од Воената академија во Скопје изјави дека оваа школа е од огромно значење за Македонија.
„Со ова даваме придонес и кон она што го прави Владата, бидејќи создавањето е-Влада и целокупниот пакет проекти, кои следуваат со тој дел, значително мора да бидат заштитени затоа што покрај бенефитите кои ги носи сајбер делот носи и голем број ризици што не ја загрозуваат само личната безбедност, туку и безбедноста на државата“, нагласи професорот Хаџи-Јанев.
На Регионалната школа за сајбер одбрана, која е коорганизирана од Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“-Скопје и од Правниот факултет од Љубљана, Република Словенија, учество ќе земат над 50 учесници од Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Македонија, Србија, Словенија, Хрватска и Црна Гора.
OhridNews
извор:„Макфакс“