Поразот на Охрид од Работнички беше само вториот пораз сезонава на домашен терен. Охриѓани петти пат сезонава не успеа на домашен терен да ја затресат противничката мрежа.


Најзабележителен на теренот во Охрид беше капитенот Џалески, додека натпревар за заборав одигра охридската “деветка“ Клечкароски.

Бубоња (2) . Сигурен на голот, успеа да го одбрани но не и да го скроти ударот од белата точка.

Вељаноски  (2). Солидно ги исполни дефанзивните задачи, незабележителен во офанзивната фаза.

Цветковиќ (2). Добро го затвори Тодороски, но слично како Вељаноски скромен во офанзивната фаза.


Стефановиќ – Мартиновски (2) ги наутрализираа напаѓачите Ступиќ и Маневски, нивното невнимание по центаршутот на Пандовски, предизвика паника по која се изроди најстрогата казна која го одлучи победникот.

Брадоњиќ (1,5) Најслаба партија на српскиот интернационалец во дресот на Охрид. Доцнеше при дуелите со средните играчи, направи неискусен прекршок по кој Мантев покажа на белата точка и заработи втор жолт картон.

Џалески (2,5) Капитенот го имаше секаде на теренот. Одлично затвараше во одбраната и добро се уфрлуваше во нападот, неговите удари завршија замалку покрај голот.

Блажески (2) Просечен натпревар за младинскиот репрезентативец кој принудно играше по левата страна. Добар во дефанзивните задачи но не доволно опасен по противничкиот гол.

Далчески (2) Уште еден од фудбалерите кому повеќе му лежат дефанзивните задачи. Солидно во дефанзивата но незабележителив во фазата на напад.

Клечкароски (1,5) Охридскиот голгетер никако да ја пронајде својата “убиствена“ форма. Само еден гол во три меча во пролетна сезона се премалку за човекот кој е задолжен за голови. Заменет во 72 минута.


Ѓуровиќ (2,5) Уште солиден меч, кој не успеа да го круниса со погодок. Повторно Ѓуровиќ беше најголемата закана за противничкиот гол, имаше неколку удари но и во неколку наврати им сервираше топки на своите соиграчи кои не успеаа да ги реалзизираат.

Михајлов (2) Го изваде максимумот од својата екипа. Добро ја постави играта во првиот дел, но по пеналот, концепцијата се растури. Задоцни со измените кои можеби ќе го сменеа текот на играта.

М.Постоловски