Победувајќи го тимот на Загреб во финалето со 26-24 ракометарите на Вардар ја одбранија титулата во регионалната СЕХА лига и покажаа глад за титули пред новите предизвици. „Црвено црните“ во ризницата на трофеи го додадоа четвртиот од СЕХА лигата и се најуспешни во седумте одиграни сезони.

– Финалето беше супер. Неизвесно и израмнето, а ние дури во финишот успеавме да го скршиме нивниот отпор. Со промената на играта во одбрана им создадовме проблеми во напад, а ние на другата страна постигнавме лесни голови кои не однесоа до победа и титула. Нам ни преостанува добро да се одмориме и комплетно да се фокусираме на двомечот со Кил во 1/4 финалето од Лигата на Шампионите. – изјави тренерот на Вардар, Раул Гонзалес.

Смиреност во составот на Вардар и кај фановите побара Тимур Дибиров кој повторно одигра маестрален натпревар и се најде во идеалниот тим на Ф4 турнирот. – Не смее да се залетаме во облаци после победата над Загреб и титулата во СЕХА лигата. Нашата работа ја завршивме максимално во СЕХА лигата, а сега на ред се мечевите од ЛШ односно двомечот со Кил. Направивме некои грешки кои не смеевме да си ги дозволивме, но мислам дека до дуелот со Кил ќе се поправиме и ќе одиграме најдобро што знаеме.

Првиот меч од 1/4 финалето Вардар ќе одигра на теренот од Кил, а реваншот во Скопје.

OhridNews