Македонската православна црква во чест на 140 години од упокојувањето на големиот македонски Зограф Дичо Крстев од Тресонче, организира научен собир во митрополијата на Дебарско – кичевската епархија во Охрид. На овој начин се сака да се разветли уште повеќе неговото огромно уметничко дело на просторите на цела Македонија, со посебен акцент на Дебарско – кичевската епархија.

-Можеби некој ќе постави прашање зошто се одбележува ваков нецелосен јубилеј. Има повеќе причини. Затоа што се ближи 200 годишнината од неговото раѓање, за неколку години, што треба да се одбележи се разбира со поголемо внимание. Втора димензија е тоа што тој потекнува од Тресонче од реканскиот крај кој е во Дебарско – кичевската епархија. Првите негови творби и икони ги наоѓаме на просторот во струшко и охридско, и трето неговите завршни дела, икони, исто така се наоѓаат на просторот на оваа епархија.-изјави владиката Дебарско – кичевски Тимотеј. 

Тој истакна дека дел од вредните икони на Дичо Зограф се зачувани и заштитени, но дел, како што е познато, се украдени и најверојатно изнесени од земјата.

Академик Цветан Грозданов во своето обраќање на научната конференција истакна дека Дичо Зограф е великан од време на преродбата кој што е малку познат иако цела Македонија добро го знае, но го знаат и другите на Балканот, затоа што тој има работено речиси на сите простори во Југоисточна Европа.

-Неговата подвижност е неверојатна и фрапантна. Станува збор за околу 3000 икони по кои се’ уште се трага. Само во Западна Македонија има над 3000 икони на Дичо Зограф кои се регистрирани. Тој е родоначалник и тоа племенски на двајцата први македонски модерни уметници Лазар Личеноски и Димитар Пандилов. Дичо на Личеноски му е дедо.-откри академик Грозданов.

Тој рече дека Македонија треба добро да се подготви за одбележувањето на 200 годишнината од раѓањето на Дичо Зоограф, и предложи да се изработи соодветна публикација за тој настан. 

Димитар Крстев, или познат како Дичо Зограф е еден од најпознатите иконо и фреско-сликари на Балканот во 19-век. Во неговиот краток живот тој насликал повеќе од 2000 икони за потребите на правоверските цркви, насекаде во Македонија, Србија и Грција. Творештвото на тресончанецот Дичо Зограф означува крај на еден илјадагодишен идејно-естетски систем и почеток на сосем нов период во македонската историја на уметноста. Дичо во својата дејност систематски работи на нови иконостаси, ги обновува и дополнува постоечките, живописува, работи на цели композиции во новоизградените и доградените цркви и манастири. Карактеристично за неговата дејност е тоа што иконите ги сликал врз неутрална, најчесто златна заднина, а со тоа повеќе ја нагласувал духовноста на ликовите на светителите. Познатиот Дичо Зограф освен иконите, оставил и една книга “Ерминија” во која ги запишал сите работи за неговиот живот,за семејството, а на 201 страница напишал и се што знаел за зографисувањето.

Г. Момироски