Атлетико Мадрид го совлада минхенски Баерн со 1-0, во дерби натпреварот од второто коло, во Д групата, во Лигата на шампионите. Победата на Атлетико можеше да биде изразена барем со уште еден гол повеќе, но Гризман во финишот не успеа да реализира пенал.
Атлетико славеше над Баерн 1-0, иако добрата игра на тимот кој го предводи Чоло Симеоне можеше да биде изразена и со уште некој гол повеќе. Торес во првото полувреме го погоди дирекот, најдобриот играч на тимот Гризман во финишот не реализира пенал. Ударот на францускиот репрезентативец заврши во гредата.
Сличен пенал Гризман изведе и во финалето во Лигата на шампионите против Реал и тогаш ја погоди гредата. Инаку, Атлетико не ги реализира последните три пенали во Лигата на шампионите, покрај споменатите два на Гризман, пенал не реализира ниту Фернадо Торес во полуфиналниот реванш против Баерн во Минхен, минатата сезона.
„Марадона, Меси, Платини и Зико промашувале пенали. Немаме никакви проблеми Гризман и понатаму ќе ги изведува пеналите. Среќни сме и задоволни од неговата работа за тимот. Направи илјада добри работи против Баерн, од него тргна контрата по која Караско го постигна голот. Според мене тој е еден од најдобрите напаѓачи во светот“, рекол тренерот на Атлетико Симеоне, кој со пофални зборови ја прокоментира и играта на Коке, пренесува „Макфакс“.
„Последните две години напорно работиме со Коке, игра повеќе во средината. Таа позиција е природна за него и тука е вистински газда на теренот. Тоа функционира одлично бидејќи на тимот му помага побрзо да ја освои загубената топка“.
Инаку, по мечот со Баерн, Симеоне соопшти дека столбот на одбраната Диего Годин го повредил стапалото на левата нога, а по лекарските прегледи ќе биде познато дали повредата е сериозна и дали тој ќе треба да отсуствува од терените.
OhridNews