Енергетска ефикасност, дигитализација и набавка на современ ехокардиографски апарат ќе се обезбеди преку реализација на проектот „Подобрување на условите на здравствен туризам со реконструкција на Јавната здравствена установа Кардиохирургија -Охрид“. На денешната прес конференција за презентација на проектот беа наведени бенефитите од неговата реализацијата како за пациентите од регионот, така и пошироко, за вработените во установата, но и подобрување на условите за развој на здравствениот туризам.

Државниот секретар на Министерството за локална самоуправа Кирил Парталов истакна дека во рамки на овој проект ќе биде подобрен квалитетот на здравствените услуги на болницата, ќе се набави нова опрема за ултра звучна еко дијагностика, ќе се поттикне и подобри енергетска ефикасност на објектот и дигитализација на работењето преку воведување на нов информациски систем, потенцирајќи дека е единствена здравствена установа во државава која изведува кардиолошка рехабилитација на пациенти од целата територија.

Заедно со Швајцарската амбасада вложуваме во здравствениот туризам и реконструкција на ЈЗУ Кардиохирургија Охрид. Министертвото за локална самоуправа во овој проект ќе издвои 185 илјади швајцарски франци, Швајцарската конфедерација преку Швајцарската амбасада 158 илјади евра, сопствено учество во проектот каде се надевам ќе помогне и Општина Охрид околу 50 илјади евра или вкупно околу 395 илјади евра односно 23,5 милиони денари. Оваа здравствена установа претставува респектабилен регионален Кардиолошки центар во кој се лекуваат и рехабилитираат пациенти не само од југозападниот плански регион туку и од целата држава. Поради тоа функционирањето на оваа установа е важна како за жителите од овој регион, така и за целата државата. Кардиологија Охрид е важен дел од здравствениот систем во државата и претставува втор по важност Центар за интервентна кардиологија во земјата, после Клиниката за кардиологија во Скопје, рече Парталов.

Додаде дека инвестицијата во енергетската ефикаснот на објектот ќе придонесе кон подобрување на условите на пациентите и медицинскиот персонал, намалување на трошоците на енергија и овозможување на целосно функционирање на овој оддел во текот на целата година со што бројот на пациенти ќе се зголеми за околу 500 на годишно ниво.

Директорот на Центарот за развој на Југозападниот плански регион, м-р Мирјана Лозаноска ги образложи трите компоненти кои ги опфаќа самиот проект.

Градежни зафати, што значи реконструкција на кровот, 1.900 метри квадратни е површината што ќе се реконструира, поставување термофадаса 2.100 метри квадратни и замена на столарија на околу 50 прозорци со цел да се направи енергетски ефикасен објект со што ќе имаме заштеда на енергија и на топлинска и на електрична, помалку стакленички гасови, односно заштита на животната средина и најважно од се подобрување на условите за пациентите кои престојуваат, особено на тие во Центарот за рехабилитација, но секако и за вработените во Центарот за кардиологија, значи за сите ќе имаме подобрување на условите. Според кост бенефит анализата што е направена, коефициентот придобивки наспроти трошоци е 2,85, што е прилично висок и значи дека има голема оправданост за реализација на овој проект. Втората компонента е дигитализација, односно повеќе модули за воведување нов комплетен информациски систем во оваа установата и набавка на еден ултразвучен ехокардиографски апарат за дијагностицирање, рече Лозаноска.

Ова е конкретен, концизен проект со визија да преку подобрување на инфраструктурните услови и здравствените услуги во нашата болница која е со идеална локација, посебно во делот на кардиоваскуларна рехабилитација како единствена дејност во државата, се отворат можности за развој на здравствен туризам што е и дел од национална стратегија во државата, рече директорката на установата Елена Коваческа Башуроска. Потенцираше дека имплементацијата на дигитализацијата ќе овозможи воведување на модерните трендови на информатиката во секојдневната работа, нагласувајќи ја и важноста од набавката на апаратот.

Установата ќе добие софтверско решение кое ќе го покрива работењето на установата, како од медицински, така и од административен карактер што ќе значи унапредување и подобрување на квалитет на услуги, намалување на времето на чекање на пациентите, брза и прецизна меѓусебна комуникација на медицинскиот персонал, квалитетно складирање на податоците и следење на истите по електронски пат. Исто така, ова ќе овозможи и темелна и ефикасна статистичка обработка на податоци, креирање на регистри и заклучоци за чекори кон подобрување на кардиоваскуларното здравје на нашите пациенти и ќе отвори можност за побогата научна дејност во установата. Во делот на медицинска опрема ќе се обезбеди современ апарат за ехокардиографија метода која е неопходна во секојдневната клиничка пракса. Можностите кои ќе ги нуди овој апарат ќе овозможат најсофистицирана дијагностика на најкомплексните кардиоваскуларни состојби. Убедена сум дека со заеднички напори со Центарот за рамномерен регионален развој на југозападниот плански регион ќе имаме ефикасна имплементација на овој проект, рече Коваческа Башуроска.

Реконструктивните зафати кои се предвидени во рамки на проектот ќе овозможат подигнување на нивото на услугите за пациентите и посовремени услови за дијагностика истакна градоначалникот на Општина Охрид Кирил Пецаков.

Сето ова ќе придонесе и во насока на подобрување на условите за развој на здравствен туризам, привлекување на што поголем број странски пациенти и промоција на специјалната болница во соседните земји и пошироко. Климатските погодности на Охридското крајбрежје се вистински благодет за здравјето на луѓето и затоа нашиот регион е идеален за развој на здравствен туризам, но сепак неопходен е поголем ангажман и истовремено заедничко делување од сите страни. Потребна е и поголема соработка со туристичкиот сектор за поголема промоција на расположливите потенцијали и привлекување на странски пациенти. Посакувам овој проект да биде појдовна точка за зацврстрување на соработката помеѓу државните институции, министерствата и фондовите со цел поголемо инвестирање заради подобрување на капацитетите, како и поголемо вложување во здравствениот кадар за стручно усовршување. Локалната самоуправа и јас како градоначалник секогаш ќе бидеме подготвени за соработка на ова поле, а во доменот на нашите ингеренции ќе ги поддржиме проектите кои се од големо значење за развој на здравствениот сектор, рече Пецаков.

Инаку, минатата недела во Министерството за локална самоуправа во рамки на проектот „Одржлив и инклузивен рамномерен регионален развој“ фаза 2, потпишани беа договори за финансирање на седум проекти за развој на планските региони во РСМ во висина од 2,3 милиони швајцарски франци. Во рамки на ова беше потпишан и договорот за реализација на проектот за Кардиолошкиот центар во Охрид.

Н.С.Ј.