Државната изборна комисија, го одби приговорот на групата избирачи „В.Ц.“ кој се однесуваше на наводни неправилности во избирачкото место 1313 во с. Подмоље, каде по пребројувањето независната листа листа на советници „Љ.Н“ доби едно советничко место на сметка на листата со реден број 13. Незадоволната страна сега има право да ја обжали одлуката на ДИК до Управниот суд, како крајна инстанца.

Државната изборна комисија до утрово ги разгледуваше приговорите што се однесуваа на гласањето, сумирањето и утврдувањето на резултатите за избор на градоначалник и членови на советите на општините, односно Градот Скопје поднесени  за изборите одржани на 22 март 2009 година. Комисијата го усвои приговорот од ДУИ што се однесуваше на избирачкото место 476 во општина Маврово – Ростуше. Беа усвоени три приговори поднесени од коалицијата предводена од ВМРО ДПМНЕ. Поништени се гласањата на избирачките места  2353 во општина Студеничани и избирачкото место 248 во општината Македонски Брод. На избирачкото место  259, во Македонски Брод е извршена исправка на бројот на неважечки ливчиња.

На седницата, што ќе продолжи денеска, преостана да бидат донесени решенија во врска со неколку приговори, поднесени од СДСМ, соопшти ДИК.

Во текот на денов, на сите подносители на приговорите ќе им бидат доставени решенија. Според одредбите од Изборниот законик, во рок од 48 часа од приемот на решението, подносителите имаат право да поднесат тужба до Управниот суд, чија одлука е конечна.

OHRIDNEWS