Со шест гласа „за“ но во отсуство на членовите на опозицијата делигирани од СДСМ, Државната изборна комисија (ДИК) вчеравечер донесе одлука дека се исполнети сите услови за одржување на предвремените парламентарни избори на 5-ти јуни.
Државната изборна комисија извести дека го усвоила Извештајот за прогресот од вкрстените, теренските и административните проверки заради ажурирање и заклучи дека е подготвена за изборите на 5-ти јуни.
Меѓутоа, претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, и двајца членови на ДИК од СДСМ, Виолета Дума и Горан Милев, претходно ја напуштија седницата и не гласаа за извештајот, изрзувајќи го несогласувањето со другите членови дека постојат технички услови за одржувањето на изборите.
На почетокот од попладневната седница на Државната изборна комисија беше истакнато дека членовите на ДИК имале состанок со амбасадорите (на ЕУ) Аиво Орав и (на САД) Џес Бејли кои побарале од нив концизно да се изјаснат дали постојат услови за одржување на изборите на 5-ти јуни, како што инсистираат трите од четирите партии потписнички на Договорот од Пржино, односно владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, и најголемата опозициска партија на Албанците во Македонија – ДПА.
Малку претходно челникот на најголемата опозициска партија СДСМ, Зоран Заев, потврди дека неговата партија останува на одлуката дека не се создадени услови за фер и транспарентни избори на 5-ти јуни, и сходно на тоа нема да учествува доколку тие се одржат.
Претходно, портпаролката на Европската комисија, Маја Коцијанчич, во изјава за дописникот на МИА од Брисел по повод денешното распишување на изборите во Македонија за 5-ти јуни од страна на претседателот на Собранието Трајко Вељановски, посочи дека „ЕУ ја изрази својата позиција јасно, преку изјави од страна на високата претставничка Федерика Могерини, комесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, како и преку европратениците и амбасадорите на ЕУ и САД во Скопје и нивните колеги од земјитечленки на Унијата“.
„Последните случувања фрлаат сомнеж во врска со можноста за обезбедување услови за веродостојни избори. Ги повикуваме сите заинтересирани страни и политичките партии да продолжат да работат заедно за да се обезбедат услови за веродостојни избори, во интерес на земјата и нејзините граѓани. Ова вклучува завршување на прочистувањето на Избирачкиот список, балансирано известување на медиумите и истрага, односно казнување на сите пријавени за заплашување на гласачите. Ние ќе продолжиме да го следиме ова одблиску со меѓународните партнери како што е ОДИХР и ќе продолжиме да ја истакнуваме секоја загриженост што ја имаме, рече портпаролката Коцијанчич за МИА.
Истовремено, таа уште порача дека Брисел очекува прекинување на насилствата во Македонија, забележани изминатите два дена по одлуката на македонскиот претседател Ѓорге Иванов да ги помилува 56-те лица од власта и од опозицијата инволвирани во скандалот со прислушуваните телефонски разговори.
OhridNews
Извор:„Макфакс“