Кој ќе стартува, кој ќе оди на клупата се отворените дилеми на селекторот Мирсад Јонуз пред денешниот натпревар против селекцијата на Ирска (21.30 часот), кој според самите репрезентативци и селекторот може да биде пресвртница во овај квалификациски циклус.


Кој на голот? Едно од најотворените прашања е кому ќе му припадне македонската единица. Поранешниот голман, сега селектрот Мирсд Јонуз кој остана без својот фаворит Томе Пачовски по скршеницата на ногата, мора да бира меѓу Нурединоски и Богатинов. Обајцата тврдат дека се подготвени да ја оправдаат до колку ја добијат довербата на селекторот.

–    Секој натпревар за македонската фудбалска репрезентација е мотив повеќе, тоа што се случи во Даблин е позади мене и секој нареден натпревар е нов предизвик и ново докажување. Сигурно дека кај мене постои голема желба со добра игра да се им реваншираме на Ирците за поразот во Даблин – вели Нурединоски кој беше главниот виновник за поразот во Даблин.

Успешна сезона зад себе имаше и поранешниот голман на Силекс, Вардар, Работнички , Мартин Богатинов во украинскиот  шампионат. На голот на македонската репрезентација дебитираше во Албанија, каде со спектакуларна одбрана ја зачува чиста македонската мрежа.

– Јас сум подготвен и во секој момент ако ми биде укажана шанса ќе ја оправдам.  Секако дека поголема желба е да се брани и дебитира пред домашна публика, се надевам дека доколку бранам ќе имам доста успешни интервенции кои ќе ја израдуваат нашата публика, јавноста па и мене самиот.


Ровитиот Попов или надежниот Ристовски е единствената енигма за селекторот во последната линија од македонската одбрана, каде сигурно ќе бидат Шиков, Грнчаров и Новески. И ова прашање ќе мора да се решава во последен момент.

–    Ако биде се добро ќе настапам, не сакам да ризикувам многу, посакувам здрав да се вратам на подготовките во Динамо Киев – вели Попов кој ќе треба да го помине последниот фитнес тест за се најде меѓу стартерите за мечот со Ирска.

Тројката во средината  која ќе треба да ги разигрува нашите напаѓачи е резервирана за играчот со најмногу настапи во овај состав Шумуликоски, потоа “швајцарецот“ Демири и неуморниот Деспотовски.


–    Многу работи ќе зависат од пас играта, токму она што и го трениравме овде во Охрид. Ги познаваме добро ирците, знаеме кои се играчите кои ги движат работите и доколку ги исполниме сите замисли на селекторот не очекува полн погодок – смета заменик капитенот Величе Шумуликоски.

Прва алтернатива во средниот ред секако е офанзивниот Марио Ѓуровски кој беше стрелец на еден погодок во овие квалификации. Израмнувачкиот против Естонија за 1-1, во мечот кој заврши реми 2-2.

–    Селекторот е тука да одлучи, мислам дека имаме одлични шанси за да стигнеме до посакуваната победа на домашен терен. На минатиот натпревар покажавме дека имаме квалитет,  направивме доста шанси, но примивме два гола кои во целост ја нарушија концепцијата. Верувам во овај тим, има доста млади играчи повикани, мислам дека тоа е вистинскиот спој и очекувам со силна подршка од публиката да стигнеме до победа. Во фудбалот, една ситуација, еден прекршок може да ги заврти работите, во секој случај не очекува еден тежок натпревар тие се цврста екипа, мислам дека имаме свои адути и дека може да победиме.


Капитенот Горан Пандев, најдобриот стрелец во историјата на македонскиот репрезентативен фудбал ќе го предводи шпицот на македонскиот напад ,каде уште ќе се најдат Тричковски и Наумоски. Пандев кој немаше најсјана клупска сезона, очекува сето тоа да го стави позади себе и да ја донесе победата која повторно би не вратила во трката за висок пласман.

– Не очекува тежок натпревар, Ирска е квалитетна репрезентација но ние ќе го дадеме максимумот и нас не интересира само победата. Квалификациите ги почнавме многу слабо и ова за нас е мошне значаен натпревар, кој мора да се добие- вели Пандев

Добрата сезона исполнета со погодоци е главниот адут на повратникот во македонскиот состав Душан Савиќ, сепак тоа не му гарантира место меѓу стартерите, и најверојатно тој ќе чека шанса од клупата.


–    Среќен сум што се вратив повторно во репрезентација и се надевам со добра игра ќе го оправдам тоа. Нормално очекувам да добијам шанса, позади мене е најдобрата сезона во мојата кариера постигнав многу голови и чувстувам одлично и во добра форма.  Колку и да добијам 45 минути, половина час ќе се обидам максимално да ги искористам – истакна Савиќ

Македонската фудбалска експедиција доцна синоќа го напушти кампот во Охрид и претпладнево ќе го има единствениот тренинг на арената Филип Втори.

фото Емилио
М.Постоловски