Охридскиот писател Димитар Пандев е автор на расказот „ Тагата, ах, тагата“ што под шифрата „Црн ат“  ја освои првата награда од жирито на конкурсот за доделување на наградата „Живко Чинго“, дознава OhridNews. Пандев победи во конкуренција на 49 раскази кои пристигнаа на годинешниот Конкурс за наградата „Живко Чинго“.

– Наградениот расказ се издвојува од останатите според својата уметничка постапка, како и според интенцијата да фрли нова светлина врз историскиот лик на Константин Миладинов. Необичната точка на гледање му овозможува на авторот низ една палимпсестна постапка да го поврзе овој лик со ликовите на низа наши книжевни великани од дваесеттиот век, стои  во образложението на жири- комисијата во состав Иван Џепароски, Славе Ѓорго Димоски и Венко Андоновски.

Димитар Пандев е филолог и литературен критичар. Роден е на 17 мај 1958 година во Охрид. Завршил Филолошки факултет во Скопје. Магистрирал на тема „Тиквешкиот зборник – лингвистичка анализа“, а докторирал на темата „Лесновскиот паренезис од 1353 – лингвистичка анализа“. Работи како професор на Филолошкиот факултет во Скопје. Член на Друптвото на пистателите на Македонија од 1987 година.

Автор е на делата „Согледби“ (есеи и критики, 1981), „Карписко евангелие“ (монографија, 1995, коавторство), како и на учебникот по Македонски јазик за средно образование (1997) и др.

Добитник е на наградите: „Млад борец“ и „Гоце Делчев“.

OhridNews