Трезорот работи, а Буџетот е во одлична кондиција, истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска – Кочоска, одговарајќи на новинарски прашања во врска со тоа дека трезорот се затвора на 15-ти месецов
Не сме го заклучиле Трезорот. Ова прашање го следам деновиве и излезе од контрола. Не можам да ги разберам, поготово да доаѓа од опозиција која наместо да се средува во своите сопствени редови, до вчера беа власт и знае како функционира Трезорот. Не можам да разберам што значи тоа трезорот сме го заклучиле. Трезорот работи. Друго е рокот што сме им го дале на институциите да ги достават налозите до трезорските канцеларии. Тоа значи дека секоја една институција да ги достави налозите до 15-ти за да може да се организираме и да се следи исплатата со 31 декември. Буџетот е во одлична кондиција, обврските нема да останат несервисирани. Се тече во рамки на предвиденото и ништо не е поразлично од претходните години, рече Димитриеска – Кочоска.
Појасни дека има упатство според кое, налозите во Трезорот стојат по 15 дена заради дополнителните проверки, а има и даночен календар според кој има одредени денови од месецот кога се собираат даноците и нема логика да се затвара Трезорот ако даноците се собираат до 25-ти во месецот.
Имаме приливи и си ги планираме и одливите. Не знам зошто се вадат сите работи од контекст. Пред почетокот на овој месец имаше коментари дека и пензиите нема да се исплатат навреме, па гледате дека пензиите се исплатија навреме. Апсолутно, се она што стигнува во Трезорот како налози, се исплаќа навремено, нагласи Димитриеска-Кочоска.
Посочи дека налозите ќе се примаат до 15-ти во месецов што не значи дека ако некој задоцни, нема да биде примен налогот.
Во однос на информациите дека се доцни со исплатата на социјалните трансфери, министерката за финансии тврди дека во Трезорот не стојат налози за исплата.
Доколку има задоцнување, тогаш тоа е во ресорните институции при подготовка на налозите, потенцираше Димитриеска-Кочоска.
OhridNews













