Политичките партии имаат секојдневна комуникација, засега нема потреба од лидерска средба, изјави денеска премиерот задолжен за спроведување на изборите Емил Димитриев.

Тој притоа потсети дека преговорите меѓу четирите водечки политички партии во земјата, врз основа на договорот од Пржино, траат и се во тек.

„Сега во моментов не ценам дека има некоја потреба за лидерска средба, бидејќи ние како политички партии имаме секојдневна комуникација и денеска тимовите разговараат по отворените прашања. Ако цениме дека има потреба од таква лидерска средба ќе ја направиме“, рече Димитриев,

Истовремено денеска попладнево во Клубот на пратениците во Скопје се состана работната група за методологиите за прочистување на избирачкиот список и за медиумите, која ја сочинуваат претставниците на политичките партии и посредникот Питер Ванхауте, .

Непосредно пред средбата, најголемата опозицска партија СДСМ преку својот челник Зоран Заев, порача дека бара од Државнат аизборна комисија (ДИК) да одреди датум до кој може да се изврши квалитетно пречистување на Избирачкиот список. Лидерот на оваа партија, Зоран Заев, го повтори барањето за доверлив список, како и поволни услови за објективно известување на медиумите.

„Сите политички субјекти во Македонија и претставниците на меѓународната заедница се свесни дека се пробиени законските рокови за клучни обврски од Договорот во Пржино, прочистувањето на избирачкиот список и регулација на медиумите. Очекуваме независната институција задолжена списокот, Државната изборна комисија, наскоро да излезе со процена на роковите потребни за ефективно и квалитетно прочистување на избирачкиот список“, рече Заев непосредно пред започнувањето на средбата, за темите кои социјалдемократите ги сметаат за клучни за одредување на датумот на кој може да се одржат договорените предвремени парламентарни избори.

Според најавите пред состанокот, партиите биле близу постигнување на договор за медиумите, и наводно се чекало сано на потпис, иако владејачката ВМРО-ДПМНЕ досега бараше договорот за медиумите да биде усогласен со европски законски модел.

OhridNews
Извор:„Макфакс“