„Ако дојдеме до точка да се допре идентитетот – нема да има решение. Жално ќе биде ако две европски држави не се доволно големи за ова да го препознаат. Нацијата и јазикот не можат да бидат предмет на преговори, бидејќи се резултат на историски процес. Прашањето е поголемо од мене и од преговарачите и од актуелните политичари“, порача шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров на заедничката прес-конференција со медијаторот Метју Нимиц, пренесува „Макфакс“.

Според Димитров, прашањето за името е исклучитено чувствително за граѓаните на Република Македонија. „Дел го гледаат со големо внимание, загриженост, а некои со гнев. Ние како Влада имаме целосно разбирање за ова, бидејќи сакаме ова прашање да го решиме на начин што и кај нас и кај нашите соседи ќе се смета за достоинствен. Имаме целосно разбирање за оние грчки граѓани кои се идентификуваат како Македонци, но во Европа во 21 век, не само нашите соседи, туку и секој друг, не може да го допре нашето право да бидеме Македонци и да го зборуваме македонскиот јазик. За да има решение многу е важен процесот во кој ни помага Нимиц. Колку повеќе зборуваме за црвени линии во јавноста, толку повеќе се намалува шансата да најдеме решение прифатливо за двете страни. Од наша страна има воља се надеваме дека ќе има и од другата страна за да се најде решение“, рече министерот за надворешни работи.

Според него ако има достоинствен начин што ќе ги почитува ентитетите на двете страни, достинството на двете страни низ овој процес ќе се почитува. Но, можно е да нема начин. „Во однос на предлозите во Њујорк, разговараме многу детално, му кажав на медијаторот Нимиц дека има идеи кои не се така лоши, но и идеи кои и не се така добри и предизвикуваат загриженост. Медијаторот ќе ги каже следните чекори. Но, и врз она што го слушнал во Грција и во Македонија ќе видиме како ќе тече процесот понатаму“, потенцираше Димитров.

Според него, ова прашање не може да се реши ако една од страните се почувствува поразена. „Лесно е да се закопате во историските ровови, но време е регионот да оди напред. Историјата не можеме да ја менуваме, но можеме да ја креираме нашата иднина која треба да биде заедничка и европска. Преку овој процес, ако сме мудри, можеме да научиме како да бидеме сојузници. Штом република Македонија ќе се приклучи кон НАТО ќе бидеме сојузници со нашите грчки пријатели. За мене овој процес претставува заеднички процес на растење и созревање“, вели македонскиот министер.

Тој додава дека има целосно разбирање за оние што се противат за постигнување решение, бидејќи се работи за  емотивно прашање, но се надева дека ќе се постигне решение кое ќе овозможи двете страни да си подадат рака и од процесот да излезат со крената глава.

Нимиц верува дека е време да се донесе одлука, во наредните недели или месеци. Според него, прашањата се изнесени и тие нема да станат полесни во иднина.
„Имаме две влади со одлучни лидери и компетентни влади и треба бргу да се придвижиме нанапред обидувајќи се некои од овие идеи повторно да ги презентираме на двете страни и да се приближиме до решение. Во наредните месеци ќе видиме дали се приближуваме кон решение, изјави медијаторот Метју Нимиц.

„Не сакам да ги потценам разликите во гледиштата, се надевам, ќе се решат, но се создава еден позитивен момент и треба да се искористи. Ова е вистинско време да се обидеме да постигнеме напредок, конечно да го решиме и регионот да тргне напред со двете земји, а пријателството меѓу двете земји да продолжи“, додаде Нимиц.

Тој рече дека не сака да шпекулира што ќе се случи ако македонско-грчките преговори за името не успеат. „Стигнати сме до точка кога двете страни напорно работат да се постигне решение. Не сум чул ништо од грчка страна што би значело одрекување на идентитетот на народот тука и верувам дека решението кое е можно е конзистентно со зачувување и јакнење на идентитетот. Ја сум многу оптимист, има разлики во ставовите на двете земји, но во Атина не сум чул негирање на идентитетот“, рече Нимиц.

OhridNews
извор: „Макфакс“