По денешната тричасовна средба во вилата Билјана во Охрид, меѓу министерот за надворешни работи Никола Димитров и грчкиот шеф на дипломатијата, Никос Коѕијас, македонскиот министер изјави дека разговорите биле искрени и отворени и дека се разговарало за разликите околу прашањето за името. Според Димитров, за дел од прашања забележителен е напредок, а за дел се уште постојат разлики.
– Ова беше разговор без надмудрувања, со големо разбирање за потребите на другиот, и нашиот главен предизвик е како да ги доближиме двете страни. Додека ние разговаравме имаа средба и работните групи составени од високи дипломати кои врз основа напредокот кој го направија на средбата во Виена пред десет дена, практично го усогласија текстот за идната соработка во различни области. Тие работеа исто така на текст за спречување на иредентизмот од двете страни. Ќе ги информираме за овие разговори нашите премиери, процесот продолжува, има закажано во следниот период нова средба, но ќе бидеме во контакт следните денови, штом ќе имаме нешто конкретно ќе ве информираме, рече Димитров по средбата.
Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, рече дека останале помалку проблеми, но дека тие се и најтешките во преговорите.
– Како што се доближуваме и ги решаваме нашите проблеми, остануваат помалку теми за решавање. Направивме позитивен чекор денеска и секогаш се надеваме дека ќе успееме и најтешките проблеми да ги направиме полесни. Секако бевеме соочени со големите и тешки проблеми, се обидуваме да решаваме проблеми кои се однесуваат на минатото и се предизвикани од други, но тоа е работата на дипломатијата, рече Коѕијас.Потенцира дека во разговорите се забележува напредок, особено во рамката на заедничката соработка и во врска со прашањето кое се однесува на иредентизмот.
Тој најави повторна средба на 3 и 4 мај во Солун, како и на 11 и 12 мај.
OhridNews












