Преземени се сите мерки коишто се делокруг на работа на полициските службеници со цел целосно, брзо, навремено расветлување и дефинирање на сите аспекти коишто претходеле и биле всушност дел од целиот настани. Извршено е алкотестирање на можниот сторител, поточно на лицето против кое е поднесена и кривичната пријава. Кај него се констатирани 1,29 промили алкохол во крвта, по што и по овој основ против него ќе биде поднесена соодветна пријава, рече на денешната прес конференција портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски во врска со случајот за нападната девојка во Охрид од 31-годишниот партнер кој и нанесе тешки телесни повреди.

Сите мерки коишто се преземаат се во координација со јавниот обвинител. Во тој сет мерки, извршено е разговор со оштетената, се разбира со сторителот, како и извршени се анкети со луѓе, со лица коишто се можни сведоци или имаат одредена информација за овој настан. ​Секако, извршени се прегледи на безбедносните камери и така натаму, сè со цел утврдување на вистинитоста на сите околности коишто биле во тек, пред и по случувањето на овој настан, вели Димоски.

Сите овие информации, посочи, се доставени до јавниот обвинител, со кој продолжува координацијата со цел прецизирање на сите состојби во коишто девојката била нападната.

За сè друго што ќе го осознаеме или ќе добиеме информација, ние секако дека пред сè ќе го известиме јавниот обвинител. Овој дел од целиот настан е во координација со јавниот обвинител, се преземаат мерки за доутврдување на тие детали. Сакам да нагласам дека со поднесувањето на кривичната пријава не завршуваат нашите активности во однос на реализација на овој настан. Одземено е возилото, можам веќе сега да го кажам тоа бидејќи кривичната пријава која што е поднесена се однесува за сомнение за сторено кривично дело „тешки телесни повреди“, а по дополнително преземени мерки ќе бидат поднесени и други пријави по други основи, истакна Димоски.

Потсетува дека на 15-ти овој месец, во 05:05 часот, активностите на полицијата резултираа со пронаоѓање, лишување и задржување на 31-годишното лице од Охрид како можен сторител на тешката телесна повреда над 26-годишната девојка.

Истиот ден во 08:50 часот, во СВР Охрид била добиена пријава од член на семејството на осомничениот за закани по мобилен телефон и загрозување на сигурноста, по што веднаш е постапено и е лишен од слобода 49-годишник (член на семејството на оштетената девојка) за кој постои сомнение дека упатувал закани кон семејството на напаѓачот.

​Во СВР Охрид во моментов се наоѓа лице од едно охридско село кое што е член на семејството на оштетената девојка. Тој е лишен од слобода поради пријава која што во текот на вчерашниот ден, значи на 15-ти овој месец, е поднесена од член на семејството на напаѓачот. Имено, според пријавата или она според она што е пријавено, всушност се работи за упатени закани по живот кон семејството на сторителот и од тие причини полициските службеници во координација со насоки од јавен обвинител го лишија од слобода и се разбира дека и против него ќе биде поднесена кривична пријава, потенцира Димоски.

Додаде дека ​најважно е професионалното, навременото и брзо реагирање, без разлика на социјалниот или општествениот статус на било кој член од семејствата.

Н.С.Ј.

фото/видео. А. Момироска