Последната тешка сообраќајна незгода што се случи вчера, при што загина 36-годишен охриѓанец- моторциклист, повторно го наметнува прашањето- колку се почитуваат сообраќајните правила и одредбите од законот за безбедност во патниот сообраќај.

Од СВР Охрид со апел до сите учесници во сообраќајот да се внимателни, да ги почитуваат правилата, да не возат со поголема брзина од пропишаната, да ја следат вертикалната и хоризонтална сигнализација, а моторциклистите задолжително да носат заштитни кациги.

  • СВР Охрид постојано реализира превентивни мерки кои се спроведуваат не само во централниот дел, туку и во останатите делови од градот. Целта на овие превентивни проекти е да се подигне степенот на безбедносната култура кај сите учесници во сообраќајот, особено напоменувам дека целна група се моторциклистите и возачите на патнички автомобили, вели портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски.

Димоски потенцира дека сообраќајната полиција има нулта толеранција за учесниците кои возат под дејство на алкохол или дроги, и сите кои не го почитуваат законот.

Во однос на загинатото лице, дополнителните анализи треба да покажат  со колкава брзина се движел моторциклот, дали лицето поседувало соодветна документација за управување, а она што се знае во моментов е дека сега починатиот, додека го управувал моторциклот, не носел заштитна кацига.

Според статистичките податоци на СВР Охрид, во текот на 2018 година, на подрачјето на град Охрид, во сообраќајни незгоди, четворица моторциклисти се здобиле со полесни телесни повреди, пет лица со потешки повреди, а две лица загинале. Во текот на 2017 година, со полесни телесни повреди се здобиле четворица моторциклисти, а тројца со потешки телесни повреди.

OhridNews